Премиерот Груевски се сретна со албанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Хаџинасто
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Албанија, г-дин Едмонд Хаџинасто.
На средбата беше истакнато задоволство од интензивниот политички дијалог, кој значи квалитет и динамика во развојот на добрососедските односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, кои ги карактеризираат блиска соработка, бројни активности и иницијативи.
Претседателот Груевски го информираше својот соговорник за стратешките надворешнополитички приоритети на Република Македонија за интеграција во ЕУ и НАТО, како и за активностите што се превземаат во тој контекст, при што беше истакнато дека Република Македонија ја поддржува апликацијата на Република Албанија за членство во ЕУ.
Двајцата соговорници разговараа и за економската соработка, при што беше истакнат взаемниот интерес на двете земји за интензивирање на соработката на ова поле. Во таа насока беше подвлечено значењето и потребата за интензивирање на инфраструктурното и енергетско поврзување помеѓу двете земји, особено во делот на Коридорот 8.
На средбата беше заклучено дека Република Македонија и Република Албанија треба да продолжат со взаемната поддршка и соработка во сферите на европските и евроатланските интеграции, со цел понатамошно зајакнување на стабилноста и развојот на целокупниот регион.