Претседателот на Покраинскиот парламент на Хесен – СР Германија - Борис Рајн попладнево на специјална церемонија им ја додели Хесенската наградата за мир за 2020 на премиерот Зоран Заев и на поранешниот премиер Алексис Ципрас.
Заради пандемијата со КОВИД-19, наградата за мир од Хесен на Фондацијата Алберт Освалд, оваа година се додели за прв пат во дигитална форма. Премиерот Зоран Заев својот дел од наградата во висина од 25.000 евра го донира во Солидарниот фонд (Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19). Меѓу лауреати на оваа многу значајна награда е и Далај Лама.
„Со Хесенската награда за мир, ние им оддаваме чест на две лица кои водеа кампања за мир и меѓународно разбирање и кои успеаја да решат конфликт што влече корени длабоко во историјата“, рече претседателот на Покраинскиот парламент, Борис Рајн.
„Како тогашен грчки премиер и премиер на Македонија, двајцата постигнаа договор во повеќедеценискиот конфликт меѓу нивните земји Грција и Македонија околу името „Македонија“. Постигнаа вистински дипломатски подвиг што никој досега не го сторил. Без нив, спорот за името што трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година ќе продолжеше да тлее и спорот меѓу двете соседни земји ќе продолжеше да го дестабилизира целиот балкански регион. Скоро триесетгодишниот спор за името меѓу Република Македонија и Грција беше мирно решен на 12 февруари 2019 година со договор. Пронајден е компромис, во иднина името на новосоздадената држава во 1991 година да биде „Република Северна Македонија“. За прв пат започна период на добрососедски односи и се отвори патот за Северна Македонија како сојузник во НАТО и партнер во Европската Унија. И овој успех има влијание далеку надвор од регионот. Мировниот договор испраќа сигнал до светот. Не постои само правото на најсилниот. Дури и во денешниот свет сè уште постои патот на почит и компромис, патот на мирот и стабилноста. И со тоа, победниците не направија ништо помалку од тоа да го продолжат европскиот пат на одличен начин без да мора да се откажат од националниот идентитет“, потенцираше претседателот на Покраинскиот парламент.
„Зоран Заев и Алексис Ципрас отстапија од моделот на инсистирање на максимални позиции и исклучување на договор како пораз или предавство. Притоа, тие ја загрозија нивната политичка кариера и мораа да преговараат за бројни компромиси и отстапки во рамките на нивните парламенти. Договорот е поврзан со надеж за добра соработка и партнерство меѓу Северна Македонија и Грција. Решавањето на споровите е пример за помирување на регионот и Европа како целина“, рече членот на одборот, професор др. Никол Дајтелхоф.
Претходните добитници на Хесенската награда за мир:
1994 Маријана Хајберг-Холст, Норвешка
1995 Џон Хјум, Северна Ирска
1996 Грегорио Роза Чавез, Салвадор
1997 Ханс Кошник, Германија
1998 Александар Лебед, Русија
1999 Џорџ Ј. Мичел, САД
2000 Марти Ахтисари, Финска
2001 Макс фон дер Стоел, Холандија
2003 Лахдар Брахими, Алжир
2004 Ханс Бликс, Шведска
2005 Неговата Светост 14-ти Далај Лама
2006 Даниел Баренбоим, Израел
2007 Кристијан Шварц-Шилинг, Германија
2008 Сем Нан, САД
2009 Деха Ибрахим Абди, Кенија
2010 Исмаил Хатиб, Палестина
2011 Садако Огата, Јапонија
2012 Елизабет Декри Варнер, Швајцарија
2013 Д-р Мухамед Ашафа и д-р Џејмс Вује, Нигерија
2014 Рубем Сезар Фернандес, Бразил
2015 Ела Михајловна Полјакова, Русија
2016 Федерика Могерини, Италија
2017 Карла дел Понте, Швајцарија
2018 Проф. Шебнем Корур Финканчи, Турција
2019 Д-р Абиј Ахмед, Етиопија
Во прилог интегралното обраќање на претседателот на Покраинскиот парламент на Хесен – СР Германија - Борис Рајн.
Во една невообичаена година ја доделуваме Хесенската награда за мир 2020 на фондацијата „Алберт Освалд“, којашто се доделува веќе 25 години по ред, за прв пат во дигитална форма, со посредство на оваа порака која ја упатувам до Вас, почитуван господине премиер Заев и почитуван господине Ципрас, двајцата наши овогодишни носители на наградата. Колку ќе ни беше драго да Ве поздравиме и двајцата кај нас во Визбаден, но поради пандемијата со корона тоа е невозможно. Нема нормалност во овие времиња, па сепак, добро е што се придржуваме до ова доделување на наградата, бидејќи денес чествуваме две личности кои се заложуваа за мирот и разбирањето меѓу народите и на кои им успеа да решат конфликт што досега длабоко во историјата.
Вие двајца, како тогашен грчки шеф на владата и како македонски премиер, постигнавте договор во деценискиот конфликт помеѓу Вашите земји Грција и Македонија за името „Македонија“. Со тоа создадовте вистинско дипломатско уметничко дело, што никому претходно не му успеало. Без Вас и понатаму ќе тлееше спорот за името што се водеше од независноста на Македонија 1991 година и караницата помеѓу двете соседни земји и понатаму ќе го дестабилизираше целиот балкански регион.
Речиси триесетгодишниот спор за името помеѓу бившата југословенска Република Македонија и Грција можеше да се надмине по Вашите преговори на 12 февруари 2019 година на мирен начин со склучување договор. Се изнајде компромис кој ги зема предвид интересите на соседите. Во иднина името на државата, новонастаната во 1991 година, ќе гласи „Република Северна Македонија “.
Во овој контекст навистина не се работеше само за зборови и имиња. Конфликтот меѓу Скопје и Атина задираше подлабоко. Се работеше за идентитетот. Конфликтот за името Македонија почна по распадот на Југославија со прогласување на независноста на Македонија во 1991 година, со што дотогашната југословенска сојузна република, Македонија, си го даде името „Република Македонија“. Грција веднаш поднесе приговор поради истиот назив на регионот Македонија во Грција. Образложението гласеше: името Македонија е од грчко потекло и означува историска област со своја култура и своја историја. Наспроти тоа, државната територија на Република Македонија во најголемиот дел не се наоѓа во историската област Македонија и името е културна и историска узурпација за да се создаде национално чувство. Освен тоа, именувањето на соседната земја како Македонија може да се оцени како територијална претензија од страна на Република Македонија кон грчката територија. Дополнително кон спорот за името настана конфликт за изгледот на знамето. Поради конфликтот, Грција долго време поднесуваше вето против пристапот на Македонија во Европската Унија и во НАТО.
Република Македонија ѝ возврати на грчката аргументација дека државната територија се наоѓа во историскиот регион на Македонците и дека националното чувство постои независно од името. Името Македонија самото по себе не претставува автоматски територијална претензија.
Конфликтот помеѓу двете држави ескалираше во 1994 година со трговска блокада врз Македонија од страна на Грција. Во 1995 година блокадата беше крената кога двете држави склучија спогодба со посредство на Обединетите Нации, во која, меѓу другото, беше договорена и промена на знамето на Македонија.
Меѓутоа, споровите продолжија и понатаму. Во 2004 година Македонија поднесе барање за членство во Европската Унија. Грција поднесе вето; меѓутоа, двете држави договорија нормализација на меѓусебните односи, а пред сѐ на економските односи. Прв чекор, но сепак, преговорите за начелното решение на конфликтот ќе мируваат дополнителни 14 години.
Дури во 2018 година двете држави повторно почнаа со разговори. Конечно, на 12 јуни истата година се постигна договор за компромисно решение: Македонија најави дека ќе го промени името во „Република Северна Македонија“, и дека во иднина не ќе бара право на културното наследство на античка Македонија. Грција за возврат ја гарантираше својата поддршка за пристапот во Европската Унија и НАТО како и признавање на националноста и јазикот на Македонците како македонски. За да може да стапи договорот на сила, мораше уште да се одобри од страна на двата парламенти. Во двете држави имаше протести против тоа, во Грција дури и силна противкампања. По неуспешниот референдум поради ниската излезност во септември 2018 година и промена на уставот, македонскиот парламент гласаше во јануари 2019 година за промена на државното име како и за територијалниот интегритет на соседните земји. Во текот на парламентарните преговори во Грција се растури владината коалиција, така што премиерот Ципрас од почетокот до средината на 2019 година водеше малцинска влада. Наспроти многубројните протести во Атина против таканаречниот Преспански договор, грчкиот парламент го ратифицираше договорот на 25 јануари 2019 година во тесно мнозинство на гласови за 153 наспроти 146.
Со тоа заврши спорот што траеше 27 години, го сопираше економскиот развој на целиот регион и чии последици во огромна мера ги попречуваа преговорите за членство на Северна Македонија во европските структури и во НАТО.
Разликата помеѓу порано и денес ја прават двајца храбри политичари: Вие двајцата, почитуван господине Ципрас и почитуван господине Заев. Затоа Ве чествуваме заедно со Хесенската награда за мир 2020. Ја чествуваме Вашата храброст што прифативте болни компромиси и што се боревте за Преспанскиот договор – и покрај силниот отпор и во двете земји. Не постојат многу шефови на владите, како Вас, господине Ципрас, кои ќе го одржуваат курсот и покрај тоа што ја изложуваат на ризик владината коалиција со тоа.
Вие двајцата им се спротивставивте на сите потешкотии. Она што не им успеа на стотици дипломати, Ви успеа Вам со Вашиот оптимизам и издржливост! Тоа токму прецизно го изрази премиерот Заев, кој за време на преговорите рече во таа смисла: „Да беше лесно, тогаш не ќе бевме потребни ние двајцата за да го реализираме“. Вие двајца бевте гаранција за успехот.
Со Вас двајца почна за прв пат времето на добрососедски односи помеѓу Грција и Македонија. Благодарение на Вас двајца се отвори патот за Северна Македонија како сојузник во НАТО и партнер во Европската Унија. И тој успех стасува и многу подалеку од регионот. Од Вашето склучување мир поаѓа сигнал до светот. Не важи само правото на посилниот. И во денешниот свет постои сѐ уште патот на почитта и компромисот, патот на мирот и стабилноста. И со тоа не сторивте ништо помалку од тоа да продолжите на величествен начин по европскиот пат, без да мора да се откажете од националниот идентитет.
Покровителскиот одбор на Хесенската награда за мир на фондацијата „Алберт Освалд“ пишува во својата пофалница – цитирам: „Вие отстапивте од моделот со кој се инсистира на максималната позиција и постигнувањето спогодба се исклучува како пораз или велепредавство. Притоа ја изложивте на ризик својата политичка кариера и моравте да преговарате за многубројни компромиси и отстапки во Вашите парламенти. Со договорот се раѓа надежта за добра соработка и партнерство помеѓу Северна Македонија и Грција. Решавањето на спорот е пример за помирување во регионот и севкупно во Европа“. Крај на цитатот.
Дозволете, господине Ципрас, да Ве цитирам со извонредната реченица: „Историјата не смее да биде напишана од оние кои инвестираат во страв и поделба. Треба да биде напишана од оние кои имаат храброст и стратешка далекугледост, правилно да се одговори на околностите и да се застане на правата страна на историјата и покрај сите реакции“. Тоа го сторивте двајцата за пример и углед.
Ви благодарам во име на Парламентот на сојузната покраина Хесе и на покровителскиот одбор на Хесенската награда за мир на фондацијата „Алберт Освалд“ за Вашите заложби за мир и разбирање меѓу народите.
Срдечни честитки за Хесенската награда за мирот!