Заев: Да празнуваме одговорно, да се грижиме за сопственото здравје, здравјето на блиските и за јавното здравје и да ги поддржиме сите кои се на првата линија на борбата со коронавирусот

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев преку видео обраќање се обрати на сите наши сограѓани со апел за одговорно да се прослават претстојните празници.

Посебно се заблагодари на сите оние кои се во првите редови во борбата со коронавирусот. Ги спомена лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците, припадниците на полицијата, на армијата, инспекциите и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба, притоа нарекувајќи ги херои.

Во продолжение интегралното обраќање на Премиерот:

„Годинава што изминува  ќе остане запаметена по здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, кај нас и во целиот свет. Беше и сѐ уште е многу тешко. Но, сите сме ангажирани – секој од нас е загрижен и придонесува со помош и поддршка бидејќи се работи за сопственото здравје, за здравјето на најблиските и за јавното здравје.
Но во оваа борба, во првите редови сте ВИЕ, лекарите и целиот медицински и помошен персонал во болниците. Сите ВИЕ, изминативе месеци, сте на првата линија во борбата со опасниот вирус – го штитите нашето здравје, а тоа значи дека сопственото го ризикувате, заради сите нас. На првата линија сте и вие, припадниците на полицијата, на армијата и сите останати ангажирани за време на оваа кризна состојба.

Сите вие на првата борбена линија, сте нашите херои. Ви благодарам за сета пожртвуваност и храброст!
Почитувани граѓани,

Ве повикувам, огромната поддршка и почит кон лекарите, кон медицинските работници, кон полицијата и армијата, да ја изразиме со најодговорно однесување и со целосно почитување на мерките во периодот пред нас! Еве ги новогодишните и божиќните празници. Да си посакаме здравје, но пред сѐ да придонесеме со нашето однесување кон здравје. Ако имаме здравје, ќе можеме да работиме, да заработиме, да се дружиме, да живееме и да се сакаме во кругот на семејството и блиските.

Затоа „ПРАЗНУВАЈ ОДГОВОРНО“ – носи маска, не се групирај, не слави, туку скромно одбележи. Мораме така додека не се спроведе вакцинацијата. Апелирам уште еднаш, да се грижиме за сопственото здравје, за здравјето на блиските и за јавното здравје. Да ги почитуваме мерките - да ги поддржиме сите кои се на првата линија на борбата.

Да празнуваме одговорно!“