Премиерот Заев во разговор со регионалниот директор на СЗО, Клуге: Динамизирањето на постапката за добивање на вакцини за сите земји е израз на пријателство и солидарност

Премиерот Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за здравство Венко Филипче, преку интернет-конференциска врска одржа состанок со регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге и сo претставници на СЗО.

Во фокусот на разговорот беа информациите за актуелната состојба во Северна Македонија со заразени од коронавирусот, како и активностите во врска со обезбедувањето на вакцини и имунизацијата на населението против вирусот КОВИД-19.

Во разговорот, премиерот Заев информираше дека состојбата со заразени од коронавирусот КОВИД-19 во нашата земја е стабилна со двојно намален број на хоспитализирани пациенти и дека доколку има потреба, има доволно слободни места во болниците.

Притоа, Заев посебно ја истакна и се заблагодари за поддршката на СЗО и успешната соработка со локалната канцеларија на Организацијата во земјата, во поглед на донации, консултации, насоки и препораки за совладување на здравствената криза предизвикана од пандемијата предизвикана од коронавирусот.

„За време на празниците, овде во Северна Македонија беа воведени димензионирани мерки со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се амортизира ударот кон здравствениот систем и поддршката од граѓаните, со целосно почитување на мерките доведе до тоа сега да имаме стагнација на ширење на вирусот“, рече премиерот Заев додавајќи дека и понатаму остануваат во сила мерките и препораките со цел заштита на населението и здравствениот систем.

На средбата беа истакнати напорите на СЗО, нејзините партнери и нашата земја за динамизирање на постапката за обезбедување на вакцини преку КОВАКС програмата, при што беше истакнат аспектот на почитување на основните вредности кои притоа се покажуваат, а тоа е пријателство и солидарност на европските земји и земјите во регионот на Западен Балкан.

Премиерот Заев информираше за 8.000 дози вакцини кои од Република Србија ќе пристигнат и кои ќе бидат наменети за сите здравствени и медицински работници, на кои заедно со претставникот на СЗО им упатија јавна благодарност за покажаната хуманост и пожртвуваност во изминатите месеци додека трае епидемијата.

Претставникот на СЗО ја истакна добрата соработка со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, притоа упатувајќи поддршка за кооперативноста на Северна Македонија во рамките на Берлинскиот процес, изразувајќи надеж дека ќе продолжи и ќе се динамизира координацијата со земјите од Западниот Балкан и Европската Унија за успешно справување со ковид кризата.