Вицепремиерот Арифи во работна посета на Косово

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Теута Арифи денеска престојува во работна посета на Република Косово.

Во рамки  на посетата вицепремиерот Арифи оствари средби со заменик-претседателот на Владата на Република Косово Едита Тахири, со министерот за европска интеграција Влора Читаку,  и со претседателот на Собранието на Република Косово Јакуп Красниќи.

За време на средбите, соопшти денеска Секретаријатот за европски пршања, се разговарало за соработката меѓу двете соседни земји, особено во однос на нивната европска интеграција. Притоа, било посочено дека Македонија и Косово имаат одлична соработка, а стратешка цел на двете земји е интеграција во евро-атлантските структури. Исто така, било заклучено дека соработката може дополнително да се зајакне преку реализација на заеднички проекти и размена на искуства, како и учество во регионални инцијативи.

Соговорниците се согласиле дека постои можност за понатамошно унапредување на соработката и во делот на искористување средствата од европските фондови, особено средствата од Компонентата 2 од ИПА наменети за прекугранична соработка, со што би се подобриле условите за живот на граѓаните во пограничните области на двете земји.

На покана на Националниот демократски институт во Косово, вицепремиерот Арифи имаше излагање на тема „Жените во политиката и во граѓанското општество“ на Конференцијата „Недела на жената“.