На денешната 44-та седница во насока на определбата за отстранување на сите ризици по Охридското Езеро и Охридскиот регион, Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со Проектот за колекторски систем од Радожда до Калишта – Струга и го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за финансии да обезбедат средства и да го вклучат овој проект како приоритетен за 2021 – 2022 година.
Владата денеска ја разгледа и го утврди текстот на Информацијата во врска со склучување на меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Србија, Советот на министри на Република Албанија и Владата на Република Северна Македонија за соработка за подобрување на увозот и транзитот на стоки и на Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и го овласти премиерот да ги потпише меморандумот и договорот.
На оваа седница на Владата, на предлог на Министерството за финансии, Владата го разгледа и прифати Извештајот за завршени преговори за склучување на Договор меѓу Владата на Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за поттикнување и заемна заштита на инвестиции и го определи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во име на Владата на Република Северна Македонија да го потпише овој Договор.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за повеќегодишна јавна набавка на градежни работи, за замена на времените објекти, бараки на бетонска подлога, односно објекти кои се постари од 40 години и со очигледни оштетувања, од амбулантско-поликлиничка дејност на Здравствен дом Скопје.
За оваа намена, односно за замена на времените објекти од амбулантско-поликлиничка дејност на Здравствен дом Скопје за 2021 година се предвидени 118.000.000,00 денари, додека за 2022 година 94.400.000,00 денари.
На предлог на Министерството за здравство, Владата донесе Одлука за престанување на важењето на одлуката за давање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели на Друштвото за производство, трговија и услуги 5 ЛЕТЕРС ДОО Ресен.
Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за оценување на условите во однос на простор, опрема и кадар за добивање на одобрение за одгледување на канабис за медицински цели која на 21.12.2020 година и 12.01.2021 година изврши контрола над работата на Друштвото за производство, трговија и услуги 5 ЛЕТЕРС ДОО Скопје во објектот лоциран во с. Алданци, Крушево, при што е констатирано дека условите во однос на просторот, опремата и кадарот оценети и усвоени од Комисијата за добивање одобрение за одгледување на канабис за медицински цели не ги задоволуваат одредбите од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во делот на кадарот со што е постапено спротивно на член законските одредби за оваа дејност.
На денешната седница Владата донесе 19 одделни одлуки за доделување финансиски средства на 19 студентски и ученички домови во државата со подмирување на режиски трошоци (за вода, електрична енергија, греење), набавки за храна за ученичките и студентските домови заради настанати непредвидливи ситуации од последиците од пандемијата со КОВИД-19.
Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за вкупните неисплатени обврски на Министерството за култура за проектите избрани на Годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година и го задолжи Министерството за култура да не ги исплаќа финансиските средства на корисниците без да ја утврди законската основаност за тие средства.
Во врска со ова Владата го задолжи Министерството за финансии преку Секторот за финансиска инспекција да изврши контрола во Министерството за култура кое доби обврска по извршените финансиски контроли да ја информира Владата на Република Северна Македонија за констатираните состојби и за мерките преземени по наодите од тие контроли.
Министрите во Владата на денешната седница ја разгледаа и прифатија Националната програма „2021 - Година во чест на Блаже Конески” и го задолжија Министерството за култура да ја координира реализацијата на оваа Националната програма, која оваа година е дел од календарот важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО.
На седницата на Владата е донесен заклучок со кој се укажува на Народна Банка на Северна Македонија во рок од 5 дена до Владата на Северна Македонија да достави предлог одлука за изработка на пригодни ковани пари, по повод „2021 - Година во чест на Блаже Конески”.
Министерството за култура, Министерството за образование и наука и Министерството за надворешни работи се задолжени да ги реализираат активностите содржани во Националната програма кои се од нивна надлежност, а на останатите институции и установи вклучени во Националната програма „2021 - Година во чест на Блаже Конески” им се укажува навремено и квалитетно да ги реализираат содржините наведени во националната програма, согласно предвидената динамика и да ги финансираат во рамки на сопствените Буџети.
На денешната седница Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за влегување на инженерски единици на вооружените сили на Соединетите Американски Држави на територијата на Република Северна Македонија, со цел изведување на подготовки за меѓународна вежбовна активност „Одлучен удар 21“, која ќе се одржи на Армискиот полигон Криволак.