Во насока на практично спроведување на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот (2020-2022 година), Владата на Република Северна Македонија во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, изработи електронска база на податоци на релевантни меѓународни документи насочени кон унапредување на меѓу културниот дијалог и интеграција на општеството.
Базата на податоци е сеопфатна, со вкрстени референци и вклучува релевантни меѓународни договори и конвенции, извештаи и препораки на клучни меѓународни организации, заложби на ОБСЕ и други меѓународни стандарди и практики. Базата на податоци ќе послужи како алатка за следење и проценка на спроведувањето на Стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот.
Фокусот на базата е на главните извори од меѓународното право, кои се тематски, релевантни за Стратегијата и за Акцискиот план за спроведување на Националната стратегија. Во оваа дата база на податоци, главната структура на изворите е дадена по организациски кластери, и тоа: кластер „Организација на Обединетите нации“, кластер „Совет на Европа“, кластер „Организација за безбедност и кластер соработка во Европа“, „Европска унија“.
Националната стратегија за едно општество и интеркултурализам, промовира основни вредности на различности, вклученост, почитување на човековите права, еднакви можности, особено за жените и мажите, владеење на правото, демократија и култура на мир и дијалог. Спроведувањето на Националната стратегија е предводено од Координативно тело, на чие чело е Националниот координатор на Владата за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски.
Електронската база може да се најде на следниов линк: https://ednoopstestvo.vlada.mk