Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во придружба на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска имаше средба со градоначалниците на Општина Охрид – Константин Георгиески, на Општина Струга – Рамиз Мерко и на Општина Дебрца – Зоран Ногачески.
На средбата премиерот Заев истакна дека претстојниот извештај на УНЕСКО треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција на Владата и надлежните ресорни министерства како централна власт и на oпштините Охрид, Струга и Дебрца, за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат статусот на Oхридскиот регион и Охридското Езеро како заштитено природно и културно подрачје од страна на УНЕСКО.
Премиерот Заев ја реафирмираше определбата на Владата, во координација со локалните самоуправи на трите општини да се усогласат напорите за спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион со плановите за развој на општините, водејќи грижа на сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство.
Заедничка констатација на средбата беше да продолжи координацијата меѓу Владата и општините Охрид, Струга и Дебрца на утврдените активности, како и на усогласување на легислативата за надлежностите кои ќе овозможат успех во спроведувањето на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот регион и на развојните планови на општините.