„Силно ја поддржуваме иницијативата да се одржи итна седница на Собранието за да се продолжи рокот за откуп на тутунот и да биде откупена целата годишна реколта и со помош на дополнителните 5 милиони евра од Пакетот 5 да им помогнеме на тутунопроизводителите да постигнат просечна цена од 180 денари по килограм“, истакна претседателот на Владата Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во Собранието.
Тој информираше дека до сега се откупени 24,5 милиони килограми тутун и дека за откуп за оваа реколта се обезбедени 4 милијарди денари, односно 70 милиони евра.
„Ако Собранието постигне согласност за итна седница на Собранието за да се продолжи рокот за откуп до крајот на март наместо до крајот на февруари, ќе добиеме можност за откуп на целата реколта и наместо сегашната просечна цена од 165 денари ќе се создадат услови за постигнување на 180 денари по килограм тутун“, рече премиерот Заев од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања.