„Изградбата на далекуводот Штип - Овче Поле, е само дел од инвестицискиот циклус за ревитализација на електро-преносната мрежа на Република Северна Македонија. Истиот опфаќа реконструкција и изградба на шест 110 киловолтни далеководи. Со овој инвестициски циклус се заменуваат сите армирано бетонски столбови стари и до 66 години. Се вложува со над 15 милиони евра за изградба на над 130 километри нови далеководи“, истакна премиерот Зоран Заев кој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани и претставникот на Европската банка за обнова и развој за Северна Македонија Анди Аранитаси, го означија почетокот на нова значајна инвестиција на МЕПСО и уште позначајна инвестиција за регионот.
Премиерот Заев рече дека ова е уште една потврда за посветеноста во реализација на ветените развојни проекти и заложбите за инвестиции во енергетската инфраструктура кои на долг рок значат подобрување на животниот стандард.
„Со реализација на предвиденото, ја јакнеме преносната мрежа и создаваме погоден инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори кои можат и знаат како да ги искористат економските потенцијали во нашата земја. Оваа инвестиција, ќе донесе бројни придобивки како за населението, така и за реалниот сектор. Новата и модернизирана преносна мрежа значи инвестиција во подобро утре и олеснување на животот и работата на населението. Дополнително, во целата наша земја се одвиваат активности за реализација на големи капитални проекти. Во тек е проектот за реконструкција на трансформаторската станица Битола 2 која е дел од најважниот енергетски прстен во земјава. Оваа трансформаторска станица е почетната точка и на интерконективниот далекувод Битола - Елбасан преку кој Северна Македонија енергетски се поврзува со соседна Албанија на 400 киловолтно напонско ниво. Воедно, со изградбата на новата 400 киловолтна трансформаторска станица кај Охрид ќе се обезбеди сигурно снабдување со електрична енергија на Охридскиот регион. Реализацијата на проектот е од огромно значење за нашата земја, бидејќи со него ќе се стави во функција коридорот за пренос на струја од Бугарија, преку Северна Македонија и Албанија, до Италија. Регионалното поврзување на електро-преносните системи е долгорочен стратешки интерес за секоја држава. Врските со соседите значат електроенергетска стабилност што е основа за секоја просперитетна економија“, изјави Заев и упати честитки за посветената работата на градежниците, на компаниите изведувачи, надзорниот орган како и на континуираната поддршка на Европската Банка за Обнова и Развој за реализација на овие проекти.
Министерот Бочварски нагласи дека во услови кога со децении ништо не е инвестирано во преносната мрежа, оваа Влада, заедно со стручниот тим на МЕПСО инвестира во реконструкција и модернизација на шест далекуводи од преку 130 километри.
„Изминатата година целосно се завршени обемните реконструкции на трафостаниците Валандово, Осломеј, Дуброво и Прилеп, а во тек е реконструкција на трафостаниците во Битола, Струмица, Вруток и Скопје 4. Ова е доказ дека остануваме целосно посветени на изградба на стабилен електропреносен систем во државата. Инвестициите во електро преносниот систем се од клучно значење за севкупниот економски развој на државата. За да го стимулираме економскиот раст и да одржиме стабилност во енергетскиот сектор, овие инвестиции ни се неопходни заради модернизација на електро енергетските постројки“, изјави Бочварски.
Генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани истакна дека со оваа инвестиција ја спроведуваме стратешката цел на Владата, а тоа е транзиција на производството на електрична енергија од јаглен кон обновливи извори на енергија. Дополнително додаде тој, на овој далекувод, во иднина ќе биде приклучена ветерната централа „Богословец” со инсталирана моќност од 36 МW.
Претставникот на Европската банка за обнова и развој за Северна Македонија Анди Аранитас ја поздрави посветеноста на Владата за имплементација на Зелената агенда во Стратегијата за енергетика со фазно деактивирање на термоцентралите, Осломеј и во Битола, како и целокупната декарбонизација на земјата, во согласност со барањата на Европската Зелена агенда и Парискиот договор.