Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими работната посета на Луксембург денеска ја завршија со работен состанок со менаџерскиот тим на компанијата „Интелиџент сенсинг солушн“ (Intelligent Sensing Solutions - IEE S.A).
На средбата со раководството на компанијата, која има висок рејтинг во сферата на иновативните технолошки решенија во автомобилската индустрија, како и во сферата на напредната медицинска технологија, беа презентирани можностите за инвестирање во Северна Македонија. Премиерот Заев и министерот за финансии Бесими ги претставија погодностите кои Северна Македонија им ги нуди на инвеститорите.
Средбата со менаџерите „Интелиџент сенсинг солушн“ се одржа во Стопанската комора на Луксембург на која присуствуваше и претседателот на комората Карло Телен, кој покажа дополнителен интерес за поблиска соработка на компаниите од двете земји преку потесна соработка на коморите.