„Имаме прецизни протоколи скроени за безбедно спроведување, подготвени сме за секој детаљ, за секоја ситуација. Стандардите за заштита се највисоки и во целост ги штитат граѓаните и попишувачите. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно, по сите стандарди без застој. Овие протоколи и досега давале целосна заштита во други процеси. Сите заштитувајќи се себеси ги следат многу строго протоколите, токму за да нема потреба од одложувања“, истакна портпаролот на Владата на Северна Македонија, Душко Арсовски на заедничката прес-конференцијата со Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика.
На прес-конференцијата за тековните активности во рамки на Пописот 2021 на населението, домаќинствата и становите, претставничката на Државниот завод за статистика, Ѓоргиева ги сподели најновите податоци, информирајќи дека во дијаспората значајно над очекуваното во последното деноноќие се самопопишале над 20.000 македонски државјани кои живеат во странство и вкупната бројка денеска до 09:00 часот изнесува 121.580 државјани.
На прес-конференцијата повторно беше упатен повик до граѓаните кои живеат во странство да земат учество во Пописот 2021, нагласувајќи дека станува збор за едноставен, брз и безбеден статистички процес.
Во однос на активностите во државата, Ѓоргиева соопшти дека викендов заврши дополнителниот конкурс за попишувачи и изрази задоволство од одѕивот, односно пријавени се над 2.600 попишувачи или околу 800 повеќе од потребниот број. Таа истакна дека започнуваат тестирањата, по што ќе се добијат финалните резултати и ќе се изготват решенијата за ангажирање на попишувачите.
Таа истакна дека нема никаков застој и сè се одвива според планот и зацртаните рокови, во следните денови продолжува дистрибуцијата на материјалите за пописните комисии, а почнува и обуката на реонските инструктори.
На прес-конференцијата е истакнато дека учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина.
„Учеството е задолжително. Кривично се одговара за поттикнување на бојкот на оваа најважна статистичка операција. За тие што ќе одбијат да се попишат ќе биде почната прекршочна постапка, а казните се до 300 евра“, истакна портпаролот Арсовски и посочи дека одложување не е опција.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на иницијативите кои се насочени кон поттикнување бојкот на Пописот 2021, на прес-конференцијата е истакнато дека кај граѓаните ќе преовлада чувството за неопходност од оваа статистичка операција и податоците кои ќе се добијат од неа.
Граѓаните мора да знаат дека, пописот е операција од витално значење за државата, за да може да се прават стратегии за развој.