Министерството за здравство спроведува нови мерки за јавни набавки од страна на ЈЗУ

Министерството за здравство спроведува нови мерки во форма на укажувања до јавните здравствени установи, поврзани со спроведувањето на постапките за јавни набавки од страна на ЈЗУ. Тие имаат цел унапредување на системот за јавни набавки, елиминирање на влијанието на човечкиот фактор, но и зголемување на конкурентноста на пазарот и доследно спроведување на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Во однос на јавните набавки новина, како што истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, е тие да се вршат како целосно електронска набавка, која ќе заврши со електронска аукција, а не како досега во хартиена форма која завршува со електронска аукција.

- На овој начин сакаме да го минимизираме влијанието на човечкиот фактор, особено во административниот дел на постапката за примање и чување на документација, редоследот на предавање понуди и слично, рече Тодоров.

Друга новина е што од сега изборот на економскиот оператор ќе биде одлучен со жрепка, во присуство на сите економски оператори или нивни претставници, доколку набавката е спроведена во хартиена форма и на аукцијата немало наддавање. - Доколку економските оператори одбијат или не дојдат, жребувањето ќе се изврши пред комисија од пет лица вработени во договорниот орган, за што задолжително се води записник за текот на жребувањето, рече Тодоров.

Оваа мерка, според него, е во смисла на појака имплементација на Законот за заштита на конкуренцијата, поради што тој ја повика Комисијата за заштита на конкуренцијата во целост да ги разгледа досегашните пракси на делење на договорите на повеќе економски оператори и да ги превземе сите активности согласно закон.

Кога набавката е целосно електронска, а на аукцијата немало наддавање, во тој случај, според оваа новина, договор треба да се склучи со оној економски оператор кој што прв поднел понуда, согласно системот за електронски јавни набавки.

Министерот Тодоров истакна дека монополското здружување е забрането и согласно Законот за заштита на конкуренцијата и согласно Кривичниот законик на Република Македонија.

- Конечно, во договорите кои ќе бидат склучени со избраните економски оператори треба да биде ставена клаузула според која во случај максималната цена да биде намалена под ниво на понудената цена, како цена на договорот ќе биде новата намалена максимална цена, рече Тодоров, додавајќи дека во тендерите треба да се става објаснување што значи монополско здружување и како и каде е санкционирано.

Од овие новини министерот Тодоров има големи очекувања во смисла на зголемување на конкуренцијата меѓу дистрибутерите, производителите на лекови и значителни намалувања на цените на лековите.

- Со ова би се креирале и заштеди во јавното здравство, односно наменско и рационално користење на финансиските средства. Ова пред се се однесува на цитостатската терапија, кои воедно се и најскапите лекови, потоа на хормонската терапија и антихормонските лекови (ароматаза инхибитори, ЛХРХ агонисти и антагонисти) и бисфосфонатната терапија, рече министерот Никола Тодоров.