Заев и Филипче од Прилеп: Да ги почитуваме максимално мерките за заштита и масовно да ја прифатиме имунизацијата за да ја доведеме до крај борбата со пандемијата од КОВИД-19

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за здравство Венко Филипче денеска за време на својата работна посета на Прилеп ја посетија градската општа болница „Борка Талески“ за да изрази и да ја даде целосната поддршка на општинските власти и на здравствените работници во болницата во градот во справувањето со пандемијата со КОВИД-19.

„Секако, тука сме за да ги слушнеме од прва рака и нивните пораки и укажувања за да најдеме најдобри решенија на локално ниво доколку за тоа има потреба. Во овој актуелен бран, Прилеп е една од најпогодените општини, и секое укажување е добредојдено. Во кругот на градската болница е поставена модуларната ковид болница за да се ублажат последиците од овој нов и интензивен ковид бран, како и да се обезбеди соодветна грижа за хоспитализираните пациенти“, истакна во својата изјава за медиумите претседателот на Владата Зоран Заев.

Заев додаде дека во рамките на Центарот за јавно здравје Прилеп, комплетно е реорганизиран просторот во микробиолошката лабораторија, а со нова опрема и кадар е оспособена и молекуларната лабораторија за тестирање на пациенти за КОВИД-19, а како поддршка на Општината и на болницата, во меѓувреме се примени нови 12 општи лекари и 10 медицински сестри кои се исклучително значајни во целата оваа ситуација.

Особено значајни се, рече премиерот Заев, сите останати активности на општината за постојано алармирање на граѓаните да се придржуваат до рестриктивните мерки и до мерките за лична заштита.

„Вчера во земјата пристигнаа и првите 20.000 дози од вакцината „Спутник В“ како прва количина од вкупно 40.000 дози од двете компоненти на оваа вакцина, и заедно со претходно пристигнатите вакцини од нешто повеќе од 70.000 дози, го овозможуваме континуитет на веќе почнатиот процес на имунизација, како и побрз почеток вклучување на повеќе лица од најкритичните групи наши граѓани согласно нашиот Национален план за имунизација“, нагласи премиерот Заев.

Тој упати порака на охрабрување граѓаните масовно да ја следат постапката за вакцинирање и да бидат во контакт со своите матични лекари за да го осигураат својот термин за вакцинација.

„Вакцините се здрави, проверени, меѓународно тестирани и граѓаните ќе ги примат оние вакцини кои одговараат на нивната старосна група и на нивната здравствена состојба. Колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател пандемијата од КОВИД-19“, порача Заев во својата изјава за медиумите за време на посетата на прилепската болница.

Министерот за здравство Венко Филипче од своја страна рече дека модуларната болница во Прилеп е еден од деветнаесетте објекти, кои ги поставивме за рекордно кратко време.

„Во болницата во Прилеп, во изминатиот период навистина многу инвестиравме. Примени се над 100 вработени лекари и медицински сестри без кои тешко овој удар ќе можеше да се амортизира и да се даде здравствена услуга. Беше направен нов ургентен центар и оваа година инвестициите ги заокружуваме со тоа што Прилеп за прв пат добива апарат за магнетна резонанца“, информираше министерот Филипче.

Градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски во изјавата за медиумите рече дека со новата модуларна болница ќе имаме поголема сигурност за медицинскиот персонал кој се бори повеќе од една година со коронавирусот.

„Како градоначалник и шеф на кризниот штаб сме во постојана комуникација со сите институции и Министерството за здравство ја следиме ситуација и сакам да потенцирам дека сме подготвени за пикот кој се очекува во Прилеп во следниве десетина дена. Апелирам до граѓаните да се придржуваат до мерките максимално“, порача Јованоски.

Како што информираше директорката на болницата Кети Смилеска, ЈЗУ Општа болница Прилеп со проширена дејност, функционира со 5 ковид центри, со вкупно 130 легла, од кои 50 на централен довод на кислород, а останатите потреби се покриваат со боци. Таа соопшти дека капацитетот е максимално искористен и беа забрзани активностите за подготовка на модуларната болница.


Заев од Прилеп: Да ги почитуваме максимално мерките за заштита и масовно да ја прифатиме имунизацијата за да ја доведеме до крај борбата со пандемијата од КОВИД-19

Претседателот на Владата на Република  Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за здравство Венко Филипче денеска за време на својата работна посета на Прилеп ја посетија градската општа болница „Борка Талески“.

Во продолжение Ви ја пренесуваме и изјавата на премиерот Заев во целост:

„Денеска, заедно со министерот за здравство доктор Венко Филипче сме во Прилеп за да ја дадеме целосната поддршка на општинските власти и на здравствените работници во болницата во градот во справувањето со пандемијата со КОВИД-19.
Секако, тука сме за да ги слушнеме од прва рака и нивните пораки и укажувања за да најдеме најдобри решенија на локално ниво доколку за тоа има потреба.

Во овој актуелен бран, Прилеп е една од најпогодените општини, и секое укажување е добредојдено. 

Во кругот на градската болница е поставена модуларната Ковид болница за да се ублажат последиците од овој нов и интензивен ковид бран, како и да се обезбеди соодветна грижа за хоспитализираните пациенти.

Во рамките на Центарот за јавно здравје Прилеп, комплетно е реорганизиран просторот во микробиолошката лабораторија, а со нова опрема и кадар е оспособена и молекуларната лабораторија за тестирање на пациенти за КОВИД-19.

Во знак на поддршка на општината и на болницата, во меѓувреме се примени нови 12 општи лекари и 10 медицински сестри кои се исклучително значајни во целата оваа ситуација.

Особено значајни се сите останати активности на општината за постојано алармирање на граѓаните да се придржуваат до рестриктивните мерки и до мерките за лична заштита. 
За  поздравување е и одлуката на Општината да го редуцира бројот на автобусите на јавниот превоз, како и поставувањето на Ковид штандови на влезовите на градскиот пазар со средства за дезинфекција и како пунктови за контрола на  кои се проверува носењето заштитни маски.

Вчера во земјата пристигнаа и првите 20.000 дози од вакцината „Спутник В“  како прва количина од вкупно 40.000 дози од двете компоненти на оваа вакцина, и заедно со претходно пристигнатите вакцини од нешто повеќе од 70.000 дози, го овозможуваме континуитет на веќе почнатиот процес на имунизација, како и побрз почеток вклучување на повеќе лица од најкритичните групи наши граѓани согласно нашиот Национален план за имунизација. 

И денеска ги охрабрувам граѓаните масовно да ја следат постапката за вакцинирање и да бидат во контакт со своите матични лекари за да го осигураат својот термин за вакцинација.

Вакцините се здрави, проверени, меѓународно тестирани и граѓаните ќе ги примат оние вакцини кои одговараат на нивната старосна група и на нивната здравствена состојба.

Колку побрзо заврши процесот на имунизација толку побрзо ќе заврши оваа борба со овој невидлив непријател пандемијата од КОВИД-19.

Благодарам.“