Министерката Јанкулоска во работна посета на полициската станица на граничниот премин Стар Дојран

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска престојуваше во работна посета на полициската станица за гранични проверки и граничен надзор, лоцирана на граничниот премин Стар Дојран на македонско-грчката граница и на општина Гевгелија.

Јанкулоска беше запозната од командирот на полициската станица во Стар Дојран, Митко Дронов и од началникот на Регионалниот центар за гранични работи Југ од Кавадарци, Ивица Дуков со тековното работење на станицата за гранични проверки и граничен надзор, како и со извонредните резултати постигнати во секојдневната борба со криволовците на Дојранското Езеро.

Тие ја информираа министерката за внатрешни работи дека досега во езерото од страна на полицијата се пронајдени, запленети и спалени околу 100 километри мрежи за риболов и  се одземени 17 моторни чамци, 4 мотори за чамци и многу други разновидни рибарски реквизити.

За време на посетата министерката Јанкулоска присуствуваше на спалувањето на 25 километри рибарски мрежи, пронајдени и одземени од полицијата во последните акции спроведени на Дојранското Езеро. Таа ги поздрави досегашните резултати и ги охрабри припадниците на полицијата да ја продолжат безкомпромисната борба со криволовците.

Во рамки на посетата на општина Гевгелија, Јанкулоска се сретна со градоначалникот Иван Франгов, при што, како што информира општинската прес-служба, било разговарано за актуелни прашања, како и за прекуграничната соработка со општините од соседна Грција.

На средбата станало збор и за безбедносната состојба во општината, каде, според годишниот извештај на Полициската станица во Гевгелија, немало поголеми нарушувања во делот на јавниот ред и мир.