Министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири денеска информираа дека се објавени седум јавни повици за финансиска поддршка за угостителскиот и туристичкиот сектор, како дел од Шестиот пакет економски мерки на Владата за поддршка на најпогодените сектори од КОВИД кризата.
Јавните повици се однесуваат на туристичките агенции, туристичките водичи, естрадните уметници, компаниите организатори на настани, игротеките, приватните детски одморалишта, кабареата, ноќните клубови, диско клубовите и рестораните за свадби.
Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Шестиот пакет на мерки е во вредност од 17,8 милиони евра а ќе се поддржат 10.000 компании и над 60.000 граѓани за што се очекува да дадат видливи резултати врз домашниот туризам и економијата.
„Со првите два повици кои сега се објавени се опфаќаат естрадни уметници и туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето приход понизок од 15.000 денари, а финансиската поддршка ќе биде во нето износ од 30.750 денари по лице. За јавните повици за: финансиска поддршка за компании - оператори од индустријата за организација на настани, агенции кои организираат настани и други, за регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта, за лиценцирани вршители на угостителска дејност кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор, за регистрирани и категоризирани ресторани за свадби и за лиценцирани туристички агенции, основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година, а висината на поддршката се пресметува како износ од 30% од просечниот месечен приход. Дополнително секој регистриран активен субјект ќе добие финансиска поддршка во износ од 15.200 денари по вработен, според бројот на ефективни работни часови, со пресек на 31.12.2020 година“, информираше министерот Бектеши.
Министерот прецизираше дека кај туристичките агенции износот на средства кој ќе биде доделен ќе биде во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на лиценцата а ќе изнесува од 60.000,00 до 300.000 денари за правен субјект.
„Сакам да потенцирам дека за сите мерки освен за водичи и естрадни уметници секој правен субјект кој ќе аплицира и на кој ќе му бидат одобрени средства, доколку на 31 декември има намален број на вработени споредено со почетокот на годината тогаш има обврска да врати 50% од примената финансиска поддршка, доколку во истиот период го задржал истиот број на вработени ќе има обврска да врати 20% од вкупниот износ на финансиска поддршка и ако во истиот период има зголемен број на вработени тогаш ќе нема обврски за враќање средства во Буџетот на Република Северна Македонија“, кажа Бектеши.
Генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири кажа дека во рамките на досега подготвените шест пакети за ублажување на последиците, донесени се околу 100 различни мерки, со кои се опфатени и поддржани субјектите и физичките лица погодени од пандемијата.
„Сите пакети на антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарноста, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови за подготвени да го дочекаме пост-ковид периодот. Креирањето на мерките за сите пакети е направено транспарентно и во инклузивен процес во кој учествуваа стопанските комори, синдикалните организации и организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максималниот број на граѓани засегнати од кризата“, кажа Зеќири и потенцираше дека Генералниот секретаријат на Владата на Северна Македонија ги презеде сите активности за најдобра реализација на задолженијата да ги подготви, објави и спроведе дел од мерките од Шестиот пакет.
„Со Шестиот пакет мерки за ублажување на социо-економските последици од пандемијата уште еднаш на дело покажавме дека државата е партнер на граѓаните и стопанството. Ги повикувам сите граѓани, работодавачи и самостојни вршители на дејности, како и сите останати кои се опфатени со овие мерки да аплицираат и да се стекнат со правото на користење на мерките, а Генералниот секретаријат на Владата ќе ги обезбеди сите услови за транспарентен и ефикасен процес за најдобра реализација на мерките“, кажа генералниот секретар на Владата.