Во Брисел во тек техничките разговори за поглавјата 23 и 24
Македонија нема наименувано шеф на делегацијата што ги води разговорите со ЕК во Брисел, бидејќи дијалогот кој започна за поглавјата 23 и 24 се одвива на техничко, а не на политичко ниво, и во него се вклучени лицата одговорни за евроинтеграциите во ресорните министерства, информира на денешната средба со новинарите вицепремиерот задолжен за европски прашања Теута Арифи.
Формално, повтори таа, Македонија е поканета како набљудувач на процесот што се одвива со Црна Гора која го започна скринингот за овие подрачја, а со ист статус како Македонија е и Србија. Неформално, посочи Арифи, земјата ги почна преговорите и треба да ја искористи дадената можност да испорача добри резултати во реформите по поглавјата 23 и 24, кои, вообичаено се сметаат за едни од најчувствителните и најтешки во процесот на пристапните преговори.
Тимот во Брисел брои 33 лица. Покрај претставник од Министерството за правда кое е прво надлежно во разговорите за поглавјето 23 кое го опфаќа судството и слободата на изразување се вклучени и претставници од Бирото за застапување на РМ пред Европскиот суд за човекови права, Министерството за труд и социјална политика, од секретаријатите за спроведување на Рамковниот договор и за европски прашања, од Кабинетот на министерот без ресор Неждет Мустафа кој е одговорен за спроведување на Декадата на Ромите, од Дирекцијата за заштита на лични податоци и од МНР.
За 24-то поглавје, правда, слобода и безбедност, прва надлежна институција е МВР, а влегуваат и МНР, министерствата за правда, за труд и социјална политика, Царинската управа, Министерството за здравство и од СЕП.
Арифи подвлече дека денеска завршуваат разговорите и презентациите за поглавјето 23, а утре и задутре продолжува дијалогот за поглавјето 24. Практично, додаде, се одвива процес на презентација на правото на ЕУ за овие две поглавја, по што ќе следи анализа за степенот на усогласеност со домашното право и операционализација на процесот. Најобемна работа ќе има, сепак, Министерството за правда.
- Ние веќе работиме на операционализација на процесот од дијалогот на високо ниво, така што овие две работи ќе течат паралелно, рече Арифи.
Таа најави дека нејзин гостин во април ќе биде Николај Вамен, министерот за европски прашања на Данска, која е актуелен претседавач со ЕУ. Следната средба од Дијалогот на виско ниво, пак, се очекува во третата недела од мај.