Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со амбасадорот на Република Казахстан за Република Северна Македонија, Жанибек Абдрашов.
На состанокот е изразена поддршка за европските перспективи на нашата држава, по членството во НАТО, на што се гледа како на можност и за економски развој на Република Северна Македонија.
Во таа насока изразена е заинтересираност од Република Казахстан за унапредување на економската соработка со нашата држава.
„Ние сме држава којашто сака да гради пријателства. Тоа го покажаа и договорите со нашите соседни земји, во духот на добрососедската соработка и регионалните евроатлантски вредности и цели. Има големи можности за подобра и поголема соработка на економски план помеѓу Северна Македонија и Казахстан. Ние сме силно посветени на економијата. Економските резултати и во текот на пандемијата се добри, но фокусирани сме кон целта граѓаните значително да ги почувствуваат ефектите во квалитетот на живот од нашите економски политики“, рече премиерот Заев.
На средбата се разгледани можности за соработка во областа на индустријата, земјоделството, животната средина, енергетиката. Истакнато е дека Казахстан е најголем извозник на ураниум во светот, а дека државата, според БДП е една од најразвиените држави во Централна Азија.
Амбасадорот на Казахстан за Северна Македонија, дојден е од Будимпешта во дводневна посета на нашата држава на покана на претседателот на Собранието, Талат Џафери, а во рамки на посетата имаше средби и со претставници од економските сектори во Владата.