Кoнференција САД - Јадранска повелба
Интеграцијата на Република Македонија во НАТО и во ЕУ останува стратешки приоритет на земјата. Ќе продолжиме напорно да работиме национално, регионално и во мултинационални рамки за да ги постигнеме овие цели, нагласи министерот за одбрана Фатмир Бесими, на денешната конференција САД- Јадранска група, насловена „Заеднички предизвици и здружени решенија“, што се одржа во Скопје.
Говорејќи за предизвиците и перспективите за евроинтеграциите на Македонија, министерот Бесими, како домаќин на конференцијата, потсети и на високиот процент на поддршка од населението, но и на нивното очекување да видат јасна демонстрација на политиката на отворени врати на претстојниот самит на НАТО.
- Во тој дух, граѓаните на Република Македонија очекуваат покана од Алијансата многу побрзо, отколку подоцна, рече Бесими.
Реформите во сите области, како и учеството во меѓународните мировни операции ИСАФ, ЕУ, АЛТЕА, КФОР и УНИФИЛ, укажа Бесими, се силни аргументи за нашата посветеност на евроатлантските аспирации. Тој најави дека Македонија ќе продолжи да учествува во меѓународните операции се додека е тоа потребно, а ќе ги следи и трансформациите во Алијансата.
Селест Валандер, заменик-помошник на американскиот секретар за одбрана, поздравувајќи го денешниот форум, меѓу другото рече дека САД очекуваат и Србија и Косово да учествуваат во активностите и на состаноците на Јадранската група.
Таа смета дека е потребно да биде зајакнат Годишниот план за координација, за да не се случува дуплирање на активностите во многу чести интервали. Членките од А5, посочи, треба да дефинираат структура која ќе овозможи подобра координација, но и подобро претставување и искористување на времето. Според неа, формирање работни групи е еден од начинот за реализирање на таквите форуми.
- Со приближување на Самитот на НАТО во Чикаго треба да се препознаат напорите на регионот кон полноправно членство, рече меѓу другото Валандер.
Министрите за одбрана и останатите учесници на Конференијцата се согласија дека е потребно прилагодување на одбранбените буџети, подобро планирање и поставување приоритети, со помалку финансиски ресурси.
Хусеин Дироз, амбасадор за политика и планирање во НАТО, истакна дека финансиската криза бара особено внимание, затоа што одбранбените буџети не се имуни, а нивното намалување денес, можно е да има последици на нашата безбедност утре. Одбранбениот буџет е важно прашање за новите членки, како и за оние земји кои сакаат да и се приклучат на Алијансата.
- Парите кои се на располагање во регионот за модернизација на опрема во 2011 година, се околу 14 проценти од одбранбените буџети во некои земји. Албанија и Хрватска потрошиле 13,9 и 12,9 проценти од одбранбениот буџет, Црна Гора 1,74 отсто, БиХ околу 1 процент, а Македонија околу 8,2 проценти од одбранбените средства, информира Дироз. НАТО стандардите, посочи, се околу 15 отсто од вкупните одбранбени буџети да се потрошат на персонални трошоци, 30 проценти за операции и околу 20 проценти за модернизација на опрема. Во таа насока, „паметната одбрана“ треба да даде одговор за градење капацитети за справување со безбедносните ризици со помали финансии. Според него, во регионот за да се обезбедат повеќе средства, потребно е да се намалат персоналните трошоци.
Членството на Македонија во НАТО ќе биде голема придобивка не само за земјата, туку и за целиот регион, смета албанскиот министер за одбрана Арбен Имами, кој упати честитки по повод 20 годишнината од формирањето на АРМ.
- Евроатлантските интеграции на нашите земји има исклучително значење за одржлив мир и за економски и демократски развој на регионот, рече Имами, додавајќи оти перспективата кон евроатлантските интиеграции е јасна, но се уште има некои предизвици како што е одговорноста и здружената акција и соработка во организираниот кримина, корупцијата и граничното управување.
Иако претстојниот Самит во Чикаго не е за проширување, посочи министерот за одбрана на Хрватска Анте Котромановиќ, веруваме дека јасната порака за охрабрување на земјите аспиранти, особено од ЈИЕ, ќе даде силен поттик за реформските процеси во регионот. Инаку, Хрватска по актуелниот претседавач Босна и Херцеговина, го презема претседадвањето во втората половина од годинава со Јадрансата група.
Црногорскиот министер за одбрана Милица Пејановиќ Ѓуришиќ, оцени дека Црна Гора дава зајакнат придонес во постигнување на регионалната соработка и разрешување на отворените прашања. Бројот на граѓани кои го поддржуваат членството во НАТО, информира таа, е 48 проценти, 36 се против, а останатите се неопределени.
За заменик-министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Мирко Околиќ, регионот се карактеризира со земји кои имаат многу различности, но и сличности, кои, подвлече, треба да се искористат за заеднички напредок.
Грција, нагласи Александра Пападополу, грчки амбасадор во Македонија, ја поздравува работата на САД - Јадранската повелба со цел да се олесни и забрза членството на цела ЈИЕ во НАТО.