Отворен „Преспа форумот за дијалог" – платформа за глобални демократски вредности

„Јасно ми е дека застарените искуства велат дека во политиката нема пријателства, туку само – интереси. Но, јас и Алексис Ципрас се  определивме да покажеме дека не се сите стереотипи правило и дека кога се кршат се создaва енергија за нови модели на однесување и за воспоставување нови пријателства и односи меѓу државите и политичарите. Така прават пријателите, насочени кон решение, кон компромис, и во тој дух стигнавме до Договорот од Преспа“, со овие зборови претседателот на Владата Зоран Заев се обрати на официјалното отворање на „Преспа форум за дијалог“.
 
Како платформа инспирирана од придобивките од Договорот од Преспа „Преспа форум за дијалог“ има за цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата.
 
На официјалното отворање на форумот кој се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со голем број содржини и на кој учествуваат стотина високи гости, шефови на држави и влади од регионот, членови на влади од Западен Балкан и други земји од Европа, претставници на ЕУ и САД, на граѓански организации и медиуми, премиерот Заев се заблагодари на сите присутни кои веруваа во можноста двете земји да најдат решение дури и тогаш кога многумина велеа дека се исцрпени сите опции.
 
„Но, еве, денес, ние сме НАТО.  Денес, Северна Македонија е рамноправен дел од најмоќниот сојуз во светот. Покажавме дека е можна промена. Од заробена држава, станавме современ пример кој сите го нарекуваат успешна приказна. Од држава со авторитарни тенденции, со ускратена или никаква слобода на изразување и лимитирани медиумски слободи, нашата демократија се консолидираше и се унапредува со секој изминат ден. И еве, денес, горд сум што низ „Преспа форумот за дијалог”, создаваме и извезуваме нови демократски вредности“, истакна премиерот Заев.
 
Од денешна перспектива, додаде тој, со полно право може да се каже дека во решавањето на тридецениското прашање со Грција употребивме методологија која до тогаш не беше позната.
 
„Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамка. И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е – невозможно“, рече во своето обраќање Заев.
 
Премиерот Заев уште нагласи дека му дадовме на светот еден нов Балкан. Европски. Балкан кој, еве, покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет.
 
„Во времиња на големи глобални и идеолошки пресвртници, радикализации и неизвесност, ние станавме испорачувачи на решенија и мир. Внесовме надеж. Нема нешто што еден лидер би сакал повеќе да остави зад себе, за својата земја“, потенцираше претседателот на Владата Зоран Заев во своето обраќање на официјалното отворање на „Преспа форумот за дијалог“ во Охрид.
 
Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас во својот дел на панелот рече дека со Договорот од Преспа беше направен голем чекор кој испрати силна порака на сите на Балканот.
 
„Една од причините поради која постигнавме договор е затоа што се соединија прогресивни сили кои решија дека ќе одат на решение со почит на другите и на меѓународното право.

Националистичките и конзервативните политичари во такви ситуации само градат ѕидови, од време на време ги бојат со други бои, но не менуваат ништо суштински. Како прогресивни политичари наместо ѕидови решивме да  градиме мостови и да го дадеме нашиот придонес за мир  и стабилност“, рече Ципрас.
 
Тој додаде дека сега е време ЕУ повторно да се фокусира на Западен Балкан, а Бугарија да го направи големиот чекор да покаже дека заедно со Северна Македонија и со Западен Балкан припаѓаат на иднината.
 
На панелот, во рамките на отворањето на „Преспа форумот за дијалог“, преку интернет видео врска се обрати и амбасадорот Метју Нимиц кој цели 25 години од својата работа посвети на решавањето на спорот меѓу Грција и нашата земја и го даде својот придонес за Договорот од Преспа.
 
„Беше еден многу чувствителен процес кој бараше трпеливост и време. Од денешна перспектива тоа е модел за решавање на многу други деликатни проблеми бидејќи беше договор од кој двете страни излегоа победници“, истакна амбасадорот Нимиц, и порача дека истата формула треба да се примени и во постигнувањето договор со Бугарија низ атмосфера на пријателство и дијалог со почит кон идентитетите на другиот.
 
Лидерот на ДУИ Али Ахмети потенцираше дека двата договори, Охридскиот рамковен договор и Договорот од  Преспа потврдија дека Балканот не може вечно да остане црна дупка и дека тие се резултат на храброста на лидерството во двата случаи за историски чекори.

За претседателот на Собранието Тала Џафери Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа се патокази кои ја определија иднината на Северна Македонија.
 
„Нашите надежи треба да се свртат кон иднината. Ни треба визионерство каде одиме и политичка волја за дијалог за да се движи процесот напред. Никогаш не е лесно и се додека постои толеранција, волја и интерес да ја оствариме нашата европска иднина, ништо не е тешко“, нагласи претседателот на Собранието на Северна Македонија Џафери.
 
На панелот на официјалното отворање на „Преспа форумот за дијалог“ зеде учество и Филип Рикер, помошник државен секретар за Европа и Евроазија на САД кој подвлече дека Договорот од Преспа постави стандарди како се решаваат отворени прашања преку дијалог.
 
„Договорот ги отвори вратите на НАТО за Северна Македонија и ја придвижи кон ЕУ. Приказната за почеток на преговорите со ЕУ не е комплетирана, но  треба да се оддаде признание за тоа што го постигна Северна Македонија и да се каже дека таа го заслужува почетокот на преговорите. Веруваме дека Северна Македонија направи многу со реформите на својот пат до НАТО, и САД остануваат силно фокусирани на евроинтеграцискиот процес на земјата и на Западен Балкан“, рече помошник државниот секретар за Европа и Евроазија на САД Филип Рикер.
 
Поранешната висока претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Фредерика Могерини во своето обраќање преку видео комуникациска врска потенцираше дека Договорот од Преспа е инспирација и модел за решавање на слични политички спорови.
 
Могерини истакна дека Брисел треба да покаже лидерство какво што покажаа премиерите Заев и Ципрас пред три години за да се оствари колку што може побргу интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, и дека тоа особено заслужуваат Северна Македонија и Албанија.
 
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и еден од потписниците на Договорот од Преспа Никола Димитров рече дека на патот до Преспа двете држави - и Северна Македонија и Грција, созреаја и ова достигнување со меѓународна важност беше возможно првенствено поради покажаното лидерство и силната визија за иднината.
„Ќе кажам нешто што го кажав во Делфи, во присуство на тогаш, премиерот Ципрас – тоа што тој го направи за Грција, ја направи земјата поголема, без да и ја смени територијата. Бидејќи како се однесувате со вашите соседи, зборува за тоа колку голема земја сте. Грција доби нов сојузник и порасна во смисла на својата улога во овој регион, во Европа, и гледано историски. Ова се случи заради лидерство и е направено заради лидерство. Ниеден притисок од надвор ќе донесеше договор без ова лидерство", рече Димитров на овој панел.
 
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, поздравувајќи ги гостите како организатор на „Преспа форумот за дијалог“ рече дека Охридскиот рамковен договор донесе внатрешна кохезија, а двата договори со Грција и Бугарија донесоа успешно разрешување на споровите и соработка со соседите.
 
„Оваа генерација може  да биде горда бидејќи ги надминува проблемите. Одлучи да не биде затвореник на судбината и минатото, туку на слободни граѓани на иднината“, нагласи Османи.
 
„Многу од нашите успеси се засновани во овие договори“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска, и додаде дека беа тешки за донесување, но ја одредија иднината на нашата земја.
 
„Охридскиот и Преспанскиот договор имаат иста мисија - да создадат функционална мултинационална демократија, интегрирана во ЕУ и НАТО. НАТО е нашиот успех. Се надевам дека и Европа ќе ја испрати моќната порака до другите земји во регионот дека тешките и храбри одлуки и макотрпната работа - се вреднуваат“, истакна Шекеринска во своето учество на панелот.
 
Во продолжение на овој дел од официјалното отворање на „Преспа  форумот за дијалог“ учествуваа и поранешниот генерален секретар на НАТО лорд Џорџ Робертсон, поранешниот еврокомесар за проширување и соседски политики на ЕУ, и актуелен еврокомесар за буџет и администрација Јоханес Хан и амбасадорот Ален Лероа кои истакнаа  дека со Договорот од Преспа се постигна една нова динамика во регионот и во Европа, и изразија надеж дека таа динамика Брисел повторно ќе ја врати колку што може побргу.
 
Првиот панел на официјалното отворање на „Преспа форумот за дијалог“ заврши со претставување на „Наградата за решавање спорови“ која ја востанови форумот и која како прв добитник му е доделена на амбасадорот Метју Нимиц за неговиот придонес за постигнувањето на Договорот од Преспа.