Панел посветен на научени лекции од долготрајните спорови во Југоисточна Европа дел од „Преспа форум за дијалог“

Во рамки на меѓународната конференција „Преспа форум дијалог“, денес беше организирана панел дискусија насловена „Во потрага по двигатели за промена: лекции од долготрајните спорови во Југоисточна Европа“.

Говорници на панелот беа Анди Добруши, Фани Каранфилова-Пановска, Леонидас Макрис, Клодјан Сеферај и претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски. Дебатата ја модерираше Јанис Армаколас.

Панелистите дискутираа за факторите кои што се клучни за одредени лидери во регионот да го следат непопуларниот пат на помирување и решавање на спорови. Говорниците го покренаа и прашањето дали има смело и трансформативно лидерство кое е подготвено да се спротивстави на јавното мислење и да постигне непопуларни компромиси.

За време на дискусијата се разгледаа и можностите како да се адресираат ставовите на јавното мислење и на поширокото општество кои честопати се претставуваат како клучни пречки за тешки компромиси во политиката како и за тоа кои се можните начини на коишто можат да се поттикнат позитивните промени во регионот.

Говорејќи за Договорот од Преспа, Добруши рече дека овој договор за жал е исклучок со оглед на тоа што во регионот сè уште доминираат националистички и популистички политички елити кои имаат силна контрола врз наративите во општеството. Според него, регионот е заглавен во пристапувањето кон ЕУ, каде што неговите перспективи се многу долго во застој, и покрај фактот што граѓаните ги поддржуваат евроатлантските интеграции.

Каранфилова-Пановска рече дека храброто раководство е движечка сила број еден за успесите на Охридскиот рамковен договор и Договорот од Преспа. Според неа, во случајот на Договорот од Преспа, имало двајца слични и прогресивни лидери, подготвени да го сменат статус квото.

Макрис зборуваше за поранешниот прогресивен градоначалник на Солун, Јанис Бутарис кој го опиша како ревносен поддржувач на Договорот од Преспа во многу конзервативно опкружување. Макрис истакна дека Бутарис сакал да ја оживее позитивната слика на Солун во регионот, истакнувајќи ја поврзаноста на градот со Балканот и соседите на Грција.

Сеферај зборуваше за резултатите од анкетата на јавното мислење за билатералните односи меѓу Албанија и Грција, додавајќи дека Албанците имаат генерално позитивно мислење за билатералните односи со Грција (57%), додека Грците се прилично неутрални кон истото прашање (48%). Сеферај додаде дека и покрај подобрувањата во перцепцијата за билатералните односи, Албанија и Грција сè уште треба да работат на подобрување на односите и подобрување на главните предизвици преку засилена соработка.

Зборувајќи за истражувањето на јавното мислење за Договорот од Преспа, Трошановски рече дека главниот предизвик е како да се насочат политиките и креирањето политики надвор од поддршката на јавното мислење за решавање на комплексни прашања во билатералните односи, често оптоварени со однапред смислени ставови, историски детерминизам и политичка митологија со цел да направат смели промени во статус кво состојбата. Тој ги издвои лидерството, медиумскиот плурализам и граѓанскиот сектор како клучни фактори на социјалните промени. Во случајот со Договорот од Преспа, тој спомена дека ситуации како што беше скандалот со прислушувањето во Северна Македонија и последователната промена на владата, направија околина отворена за промени, вклучително и промена на името. Во однос на плурализмот во медиумите, тој ги спомена отворените прашања со Бугарија, велејќи дека медиумското опкружување таму нема плурализам, но исто така истакна дека недостасува и соработката на граѓанското општество помеѓу Северна Македонија и Бугарија, што го попречува процесот на изнаоѓање решенија. За Договорот од Преспа, Трошановски рече дека и покрај тоа што тој направи социјална промена и беше одобрен од меѓународната заедница, постојат загрижености и во Северна Македонија и во Грција во врска со неговото ниво на прифаќање и имплементација.