Прес-конференција на портпаролите на Владата Арсовски и Хоџа: Од 12 јули почнува теренската имунизација без закажан термин за масовна вакцинација како најсигурен начин да се заштитиме

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Мухамед Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашните владини седници и одговараа на прашања на новинарите.

Портпаролите посочија дека Владата вчера одржа две седници. На тематската 85-та седница го разгледа и одобри пакетот договори за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу договорните страни за финансиска поддршка финансирање на инфраструктурни проекти на општините од програмата ТАВ.

Вториот пакет опфаќа 36 општини на кои им се одобрени проектите со кои тие аплицираа за оваа програма и со кои се опфатени изведби на инфраструктурни зафати од непосреден интерес на граѓаните од опфатените општини со овој пакет.

На 86-та седница беа донесени низа одлука. Меѓу другото е утврден текстот на Предлог законот за лекови со кој се уредуваат лековите за употреба во хуманата медицина, условите и начинот за обезбедување на нивниот квалитет, безбедност и ефикасност, начинот и постапките за нивно производство, испитување, означување, класификација, ставање во промет, фармаковигиланца, формирање цени, контрола на квалитет, огласување и инспекциски надзор.

На оваа седница Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за формирање Национално советодавно тело за младински политики и задолжи неколку институции и министерства да именуваат претставник. Ова се прави согласно Законот за младинско учество и младински политики, како тело за соработка помеѓу младински претставници и претставници на органите на државната управа кое има советодавна и надзорна улога при спроведувањето на младинските политики и активностите за млади.

Портпаролите информираа дека Владата на вчерашната седница го разгледа извештајот за спроведениот јавен повик за финансиска поддршка од шестиот пакет анти ковид мерки за поддршка економијата, со кој се опфатени лиценцирани туристички водичи, компании - оператори од индустријата за организација на настани, регистрирани фотографски студија и фитнес центри, регистрирани игротеки и приватни детски одморалишта.

Во категоријата лиценцирани туристички водичи се одобрени 2.460.000,00 денари за 80 лиценцирани туристички водичи кои ги исполнија условите и критериумите утврдени во јавниот повик, на кои ќе им биде исплатена еднократна финансиска поддршка во висина од 30.750 денари.

Во делот на финансиската поддршка за компании - оператори од индустријата за организација на настани, Владата донесе одлука на 33 економски оператори од оваа дејност да им бидат распоредени речиси 15,5 милиони денари.

Шестиот пакет анти-ковид мерки предвидува и финансиска поддршка на регистрираните фотографски студија и фитнес центри, односно на сите 184 правни лица од овој повик со вкупен износ од речиси 12 милиони денари.

Истовремено во рамките на шестиот пакет е усвоена информацијата и за финансиска поддршка на регистрираните игротеки и приватни детски одморалишта со вкупна финансиска поддршка од речиси 5 и пол милиони денари. Со оваа мерка се опфатени 73 правни лица кои ги исполнуваат сите услови од јавниот повик.

Дополнително беше истакнато дека вкупната финансиска помош предвидена со шестиот пакет мерки за справување со пандемијата изнесува над 35 милиони денари.

На вчерашната седница Владата го утврди текстот на Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од корона вирусот КОВИД-19 врз производството на тутун со кој се уредуваат условите, корисниците и цената, како и постапката за доделување на финансиска поддршка за откупот на тутун од реколтата од 2020 година.

На прес-конференцијата порпаролите упатија апел до граѓаните да се вакцинираат против КОВИД-19, како најсигурен и најбрз начин да се заштитиме и да се постигне колективен имунитет.

Тие посочија дека од 12 јули почнува теренската имунизација и без закажан термин зашто вакцини има за сите и дека Владата потсетува дека е важно да се слушаат само препораките од релевантните институции.

Воедно информираа дека поради извесни недоумици во јавноста за предлогот дека бремените жени да се вратат во редовен работен процес со физичко присуство на работното место е одбиен од страна на Комисијата за заразни болести и тоа значи дека сè уште е во сила мерката оваа категорија граѓанки да работат од дома.

Во однос на новинарските прашања поврзани со Република Бугарија, портпаролите истакнаа дека позициите на Владата се јасни, а дека на Собранието е да расправа за резолуции и иницијативи за надминување на ова прашање.

„Позициите на Владата во однос на македонскиот јазик и македонскиот идентитет се познати, постојано потврдувани и јасни. Во секоја прилика Владата укажувала дека од нив нема да отстапи. Идентитетските црвени линии им се јасни и на граѓаните и на меѓународната јавност“, истакна портпаролот Арсовски.

На новинарско прашање за Законот за државјанство, портпаролот Хоџа истакна дека на вчерашната владина седница не се дискутирало на оваа тема, како и дека дискусиите и дебата за овој Закон се одвиваа помеѓу претставниците на политичките партии во рамките на Собранието.