Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска учествуваше на Вториот министерски состанок за вработување и социјални прашања, на кој присуствуваа и министрите од земјите членки на Европската унија и од земјите од Западен Балкан, кој се одржа во Брдо кај Крањ, Словенија. Министерскиот состанок е во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската унија, кое започна на почетокот на овој месец.
На состанокот, на кој се дискутираше за младинските политики и за обезбедување на одржлива интеграција на младите лица на пазарот на трудот, присуствуваше и еврокомесарот за работни места и социјални права Николас Шмит, кој најави силна поддршка за имплементирање на Младинската гаранција во сите земји од Западен Балкан.
Министерот за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности на Република Словенија Јанез Циглер Краљ, во своето обраќање оцени дека младите се погодени од кризата и затоа е од исклучително значење да се обезбеди поддршка и за младите од земјите членки на ЕУ, но и за младите во земјите на Западен Балкан.
На состанокот беше нагласено дека Република Северна Македонија, како прва и единствена земја од регионот на Западен Балкан, во 2018 година презема „пионерски“ чекори во оваа насока, пилотирајќи ја Младинската гаранција, целосно заснована на моделот на ЕУ, по што од наредната 2019 година таа иницијатива се имплементира низ територијата на целата држава.
„Во досегашната имплементација, на програмата Младинска гаранција во Република Северна Македонија, учество земаа околу 60,000 млади лица. Би сакала да истакнам дека од 2019 година, статистичките податоци поврзани со пазарот на трудот, покажуваат значајни и крупни подобрувања во однос на младите лица. Стапката на вработеност на младите (15-29 години) се зголеми за 3,5 процентни поени во споредба со 2018 година. Стапката на младинска невработеност се намали од 37 на 30,5 проценти, а стапката на NEETs (млади кои не се вработени, ниту се во вклучени во образование или обука) исто така бележи значително намалување за 5,3 процентни поени, од 29 на 24,5 проценти“, истакна министерката Шахпаска.
Таа посочи неколку анализи и истражувања, кои јасно наведуваат дека овие позитивни трендови во однос на младите на пазарот на труд во нашата држава последните неколку години се резултат на повеќето сеопфатни и координирани политики насочени кон младата популација, а пред сè на имплементацијата на Младинската гаранција.
„На овој состанок се обврзуваме на посилна, многу поинтензивна и фокусирана меѓусебна поддршка и соработка помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија, во справувањето со предизвиците поврзани со младите лица, нивното вработување, активација, учеството и одржливата интеграција на пазарот на трудот. Ова се предизвици кои се заеднички за сите земји од регионот, но и за Унијата и предизвици кои станаа уште поизразени во изминатиот период кога сите ние бевме погодени од здравствената и економска криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Младите лица се една од категориите кои беа навистина силно погодени од кризата“, нагласи министерката Шахпаска.
На состанокот министрите од шесте земји од Западен Балкан прифатија Декларација за обезбедување на одржлива интеграција на младите лица на пазарот на труд, со која недвосмислено ја истакнаа потребата да се продолжи со дизајнирање и имплементација на реформи и ефикасни политики за младинско вработување, преку пристап кој ќе се заснова на широко партнерство помеѓу сите институции и останати засегнати страни.
Со Декларацијата министрите прифатија сите земји од регионот да отпочнат со подготовки и имплементација на Гаранцијата за млади, по примерот и моделот развиен во Европската унија и да ја стават оваа иницијатива високо на своите политички агенди, обезбедувајќи ги потребните човечки и финансиски ресурси за таа цел.
Министерката Шахпаска на крајот на Вториот министерски состанок порача дека е цврсто уверена во успешноста на оваа рамка за соработка, која се утврдува со прифаќањето на Декларацијата. На овој начин, оцени таа, земјите од регионот ќе имаат можност меѓу себе, како и со Европската Унија и останатите релевантни меѓународни партнери, да разменуваат и споделуваат знаење, искуства и експертиза, со цел да постигнат подобри резултати и да ја унапредат состојбата на младите во регионот.