Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 87-ма седница на Владата и одговараа на прашања и теми од интерес за јавноста и новинарите.
На самиот почеток на прес-конференцијата владините портпароли го претставија логото кое ќе се користи по повод јубилејот - 30 години од независноста на државата. Дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од Денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од сѐ она што денес, нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој.
На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30-годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност.
Портпаролите исто така посочија дека во рамките на петтиот пакет економски мерки беа подржани проекти во рамките на индустријата за организирање настани со кои ќе се поддржи 30-годишнината од независноста.
Во оваа прилика портпаролите информираа дека интензивно продолжуваат подготовките за спроведување на теренскиот попис којшто ќе се спроведе во септември. Конкурсот на попишувачи и инструктори ќе биде објавен на 20 јули и ќе трае до 5 август. Аплицирањето е онлајн преку веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk. Процесот на тестирање и избор и објавувањето на конечните листи на избрани кандидати се очекува да заврши до 15 август. Пописот во септември ќе се спроведе според највисоките статистички стандарди. Владата е убедена дека сите чинители и граѓаните ја сфаќаат важноста од оваа операција, особено што државата има модерен закон и методологија кои гарантираат дека пребројувањето на населението ќе биде според сите највисоки статистички стандарди.
На прес-конференцијата портпаролите соопштија дека на последната владина седница се утврдија текстовите на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за полиција и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи.
Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за полиција се врши ревидирање на конкретни одредби од Законот за полиција во насока на постапување по препораки од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија.
Препораките од Извештајот на ГРЕКО се насочени кон зајакнување на можностите на земјата за борба против корупцијата, особено во однос на транспарентноста, интегритетот и одговорноста на вработените во јавниот сектор и институциите.
Со Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи се врши ревидирање на конкретни одредби од Законот за внатрешни работи, кои исто така произлегуваат од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија.
Ревидирањето на овие одредби се однесуваат на оперативната независност на полицијата, на воведување на Тест за интегритет за лица кои се вработуваат во Министерството за внатрешни работи, како и на континуирана проверка на интегритетот на работниците во Министерството на политички неутрален начин.
Воедно портпаролите информираа дека на владина седница се усвоија измените и дополнувањата на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата. Според препораките од ГРЕКО, со новите измени и дополнувања, разграничена е функцијата на лицето за интегритет коешто дава советувања за етички прашања и членот на Владата назначен за следење на спроведување на Кодексот.
Меѓу другото со измените и дополнувањата, проширен е опсегот на лица кои подлежат на Кодексот, односно покрај носителите на јавни функции, советниците кои ги именува Претседателот на Владата и посебните советници во министерствата, сега ќе бидат опфатени и секретарите и помошниците секретари во Секретаријатите во Канцеларијата на Претседателот на Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање за нивото на странските директни инвестиции за првата половина од годината, портпаролот Арсовски истакна дека од почетокот на годинава во Технолошко-индустриските развојни зони се потпишани нови договори со вкупен обем на инвестиции од 65 милиони, а вкупно на ниво на држава износот на странски инвестиции е над 100 милиони евра.
„Во моментов само во рамки на ТИРЗ се водат преговори за над 30 нови инвестициски проекти, од постојни и потенцијални инвеститори, кои во наредниот период треба да донесат над 400 милиони инвестиции и нови 8.500 работни места. Владата и Дирекцијата за ТИРЗ работат посветено на подобрување на економските перформанси во зоните и деловната клима, а конкретен резултат на таа посветена работа е забележана рекордна економска активност и во првиот и во вториот квартал во последните четири години“, истакна Арсовски.
На новинарски прашања поврзани со измените на Законот за државјанство портпаролот Хоџа посочи дека се работи за усогласен текст различен од оној на кој Владата имаше забелешки.
„Вчера усвоениот Предлог-закон за државјанство е усогласен со европската конвенција за државјанство и ќе биде испратен за усвојување во Собранието со европско знаме“, истакна портпаролот Хоџа.
Дополнително портпаролот Хоџа истакна дека техничката обработка од страна на неколку институции кои се надлежни е во тек, по завршување на целата постапка Предлог-законот ќе се достави до Собранието.
На новинарско прашање за предлогот за снимање на постапките на државните службеници, портпаролот Арсовски истакна дека предлогот за поставување на видео надзор и боди-камери е изнесен на вчерашната владина седница, како една од опциите и механизмите за превенирање од коруптивни дејствија и јакнење на транспарентноста при вршење на работните задачи и обврски во институциите.
„Ова не се однесува на целата администрација, туку на пример за службениците кои вршат контрола, надзор и посебни овластувања особено во процесите кои што не можат да се дигитализираат и вклучуваат неопходно учество на човечкиот фактор. Секако, дека овој предлог во следниот период детално ќе се истражи и анализира од аспект на негова имплементација, опфатот на службениците, обезбедување на сигурноста и приватноста на граѓаните, како и техничките и законските можности“, посочи Арсовски.
Тој истакна дека дигиталната трансформација на процесите е врвен приоритет на Владата, како клучен механизам за сузбивање на корупцијата, за брзи и ефикасни услуги кон граѓаните, за институции во служба на граѓаните.