Премиерот Зоран Заев утрово заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и градоначалниците на Берово и Пехчево, Звонко Пекевски и Драган Тренчовски од утринава вршат обиколка и увид во Малешевијата, во близина на селото Будинарци, беровско, во чија околина се најголемите активни пожари.
Премиерот Заев давајќи изјава од лице место во Будинарци, ги информираше медиумите подетално за опожарените и оштетени подрачја каде од утринава извршија увид и тоа блиску до селото Митрашинци каде се прават обидите за отсекување и локализирање на пожарот, за да не се прошири кон Виница.
„Нашите херои пожарникарите, полицијата, припадниците на Армијата, шумските стопанства и државните органи за справување со кризи се најзаслужни за справувањето со пожарите“, рече премиерот Заев.
Тој ја искористи можноста да упати благодарност за помошта со воздухоплови од Србија, Романија, како и несебичната помош од Австрија, Словенија и соседна Бугарија, кои несебично се вложија да помогнат заедно со нашите ресурси во борбата со огнените стихии.
„Најважно е што се заштитени сите луѓе, нивните имоти и иако е огромна загубата во шуми, се надеваме дека во најскоро време ќе ги обновиме“, рече Заев и додаде:
„Ваквата солидарност, која тука во Малешевијата ја гледаме, солидарноста на нашиот народ на дело, системското функционирање, хиерархиска поставеност во координација со меѓународни сили, го дадоа резултатот и може да кажеме дека се локализирани и се локализираат пожарите на подрачјето на беровско-пехчевскиот регион“, рече премиерот Заев кој додаде дека граѓаните треба да сметаат на Владата во однос на обештетувањето и санирање на штетите.
„Владата, државата и Буџетот постојат за народот. Граѓаните не треба да се грижат и ќе бидат обештетени за штетите на нивните имоти. Ние имавме до доцна синоќа седница за да ги обезбедиме сите ресурси на располагање на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување за набавка на резерви и алати“, додаде премиерот Заев информирајќи подетално за сите одлуки на Владата донесени на последната седница, во однос на регулирање на прелетите кон МНАВ за бесплатно користење на нашето небо од странските воздухоплови, регулирани се постапките како да се плаќа таксата за слетување на ТАВ Аеродромот, и донесени одлуки за користење и управување со соодветните резерви на керозин и потребни нафтени деривати.
Секако државата веднаш ќе излезе пресрет за надоместување на штетите на граѓаните. Веќе се започнати во некои општини процедурите за излегување на терен и правење проценка на штетите кои ќе се достават до Владата за исплаќање.
Истовремено постојат експертски анализи и планови за возобновување на шумите и соодветно на почвата есенва ќе бидат посадени нови дрвја. Оваа есен ќе биде искористена за надополнување на шумските капацитети.