Од први септември во образовниот систем за првпат од страна на државата ќе бидат ангажирани 500 образовни асистенти што ќе обезбедат поддршка за учениците со попреченост вклучени во редовната настава. Спроведуваме ново системско решение – „образовна асистенција“ за градење на инклузивна клима во училниците, која подразбира еднакво право на образование за секое дете.
Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска по денешната обука наменета за образовните асистенти кои беа избрани на конкурсите за вработување што минатиот месец ги спроведоа петте основни училишта со ресурсни центри во државата, а која се одржа во ОУРС „Иднина“ во општина Чаир.
„Верувам во капацитетите и квалитетите на новите стручни соработници кои во новата учебна година ќе им помагаат на наставниците и на инклузивните тимови во работата со учениците со попреченост, но и ќе работат со сите останати деца во училниците заради подигнување на свеста и прифаќањето на оние кои имаат посебни образовни потреби. Ова е најдобриот начин за да ја подигнеме инклузивноста на образовниот систем и да обезбедиме еднакви образовни можности за сите ученици“, рече Царовска.
Министерката истакна дека на обуките кои се наменети за образовните асистенти и кои се интензивираат во следните неколку денови, од обучени тренери тие ќе добијат подетални насоки околу начинот на кој треба да постапуваат и околу тековните обврски што ќе бидат дел од описот на нивното работно место.
По завршувањето на обуките за образовните асистенти, како што информираше Царовска, и наставниците од училиштата каде има запишани ученици со попреченост ќе поминат обука за инклузивно образование, а во моментов во тек се и обуки за инклузивните тимови во училиштата кои ги спроведуваат партнерски организации од граѓанскиот сектор со финансиска поддршка од ЕУ.
Образовните асистенти се вработени во петте основни училишта со ресурсен центар и тоа по 130 во „Златан Сремец“ и „Иднина“ од Скопје, додека по 80 во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор, глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола, „Климент Охридски“ од Ново Село и ОУРЦ „Маца Ѓоргиева Овчарова“ од Велес“.
За спроведување на услугата „образовна асистенција“, односно за ангажирањето на образовните асистенти преку буџетот на МОН за 2021 година обезбедени се 59 милиони денари, а дополнително основните училишта со ресурсни центри добија 2,5 милиони денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование.
Во меѓувреме, за унапредување на инклузивноста на образовниот систем, согласно новата Концепција за основно образование сите нови учебници кои ќе се изработуваат етапно во следните 5 години, а почнувајќи со оние за прво и четврто одделение чија изработка е речиси при крај, ќе бидат адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно ќе бидат печатени на Брајова азбука, како и достапни во аудио формат.
Оваа година исто така, обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН. Дополнително. во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата – 6 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – „EU for inclusion“ за кој е подготвена техничката документација (проекти за адаптација) и се очекува наскоро да започнат градежните активности.