Прес-конференција на портпаролите на Владата, Арсовски и Хоџа: Одлуката од први септември наставата да биде со физичко присуство е целосно во согласност и со препораките на УНИЦЕФ

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Мухамед Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 101-ва седница на Владата.
 
Тие соопштија дека од први септември наставата почнува со физичко присуство во сите училишта и истакнаа дека најдобар начин за да го заштитиме и менталното здравје и да се одржи нивото на квалитет на наставата и социјализацијата на учениците е тие да се во училница и тоа ќе биде направено во оваа учебна година.
 
„Отворањето на училиштата е препорака и на УНИЦЕФ. Подготвени се потребните протоколи за заштита. Училиштата исто така. Искуството од минатата година со наставата за учениците од прво до трето, покажа дека училиштата имаат капацитет да го спроведат образовниот процес и во вакви услови и нема сомнение дека така ќе биде и годинава“, беше нагласено на прес-конференцијата.
 

Портпаролите информираа дека последната седница Владата ги усвои измените и дополнувањата на мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19. Со овие измени на мерките се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 проценти  од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 проценти од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19.
 
Сите други мерки донесени на 99-та седница на Владата остануваат во сила.
 
Портпаролите информираа дека на оваа седница Владата го разгледа Извештајот на ЈП „Национални шуми“ за штетите од пожарите заклучно до 15 август и во него се констатира дека од вкупно 9.907 хектари зафатени со пожарите, 8.803 хектари отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса.
 
Владата го задолжи ова јавно претпријатие да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен.

Дополнително, ЈП „Национални шуми“ се задолжени целокупното количество опожарена дрвна маса како последица од пожарите да остане во сопственост и со неа целосно да стопанисува ЈП „Национални шуми“.