Еднакво општество за сите
Веруваме во вредностите на толеранцијата, правичноста, еднаквите можности, признавање на различностите, во мултикултурализмот и интеркултурната комуникација. Веруваме во социјална правда, еднакви можности на жените и мажите, вклученост и учество на граѓаните во одлучувањето и постигнување општествена кохезија.
Европската Унија се темели на различни народи, различни култури и јазици, но говори и работи на принципот на ЗАЕДНИШТВО НИЗ РАЗЛИКИТЕ. Ние сме вистински пример дека оваа политика и овие вредности можат да функционираат и на Балканот. Тоа беше возможно бидејќи не ги прифативме вредностите како дел од европското acquis или како нивен услов, туку како наша верба и определба дека нашиот мозаик на култури, јазици и обичаи не прави побогати и подобри.
Врзано со примената на Законот за употреба на јазиците Владата ќе ги дооформи Агенцијата и Инспекторатот во првите шест месеци од мандатот. Истовремено, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се стави во целосна функционалност и ќе се доекипира.
Како Влада ќе продолжиме со политиките кои ги развиваат вредностите на заедништво и меѓуетничка доверба. Во мултиетничките општини ќе ги зголемиме содржините во областа на образованието и културата кои придонесуваат за зближување на граѓаните. Училиштата и културните институции, кои ќе имаат ваква содржина ќе добиваат дополнителни финансиски средства за функционирање и развој. Ќе ги финансираме сите деца и млади до 25 години кои сакаат да научат македонски, албански, турски, влашки, српски или ромски јазик.
Владата на Република Северна Македонија уште во првиот месец одново ќе го предложи Законот за заштита и спречување на дискриминација, како симбол на нашата определба за европски вредности во оваа област. Владата ќе ги зајакне институционалните механизми за борба против секој вид на дискриминација.
Владата ќе го повика, охрабри и ќе соработува со бизнис секторот т.е. домашните и странски компании да ги поддржат добрите меѓуетнички односи и вредностите на толеранција, застапеност и меѓусебна доверба и во нивните работни средини, за да се искористи целокупниот човечки потенцијал со кој располага нашата земја.
Владата ќе продолжи да ја имплементира Стратегијата за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост и ќе воведе годишна награда за најдобра идеја/проект со кој се развива и промовира концептот на еднакво општество за сите. Истата ќе биде наменета за млади до 30 години и ќе стимулира заедничка работа и креативност. Ќе стимулираме филмска продукција за деца и млади на повеќе јазици. Ќе се спротивставиме на верската индоктринација, религиозната и етничката нетрпеливост, која се продуцира во делови на медиумскиот простор и социјалните мрежи.
Владата ќе формира Национални совети на заедниците кои се помали од 20% од вкупното население на државата. Со тоа ќе ги вклучиме сите заедници во процесот на креирање на овие политики и ќе обезбедиме поголема репрезентативност. Ќе предвидиме отворена и широка процедура за нивно конституирање. За оние прашања кои ги засегаат помалубројните заедници, Владата ќе бара мислење и од Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Во областа на културата, Владата ќе обезбедува поддршка на институциите и културното творештво на помалубројните заедници, како и на проекти кои обезбедуваат поголема интерактивност и кохезија.