Јавен повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2025 година
Врз основа на член 28-а став 1 од Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/13 и 13/14 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 63/24, 74/24, 218/24), Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат објавува,
Ј А В Е Н П О В И К
за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2025 година
I.ПРЕДМЕТ
Предмет на овој јавен повик е реализација на средствата утврдени согласно член 28-а став 3 од Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/13 и 13/14 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 63/24, 74/24, 218/24).
II.ПРАВО НА УЧЕСТВО
Право на учество на јавниот повик имаат дневни, неделни, месечни и локални печатени медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални теми и прашања, регистрирани на територијата на Република Северна Македонија кај надлежен орган, определен со закон.
III. ДОКУМЕНТАЦИЈА КОЈА УЧЕСНИКОТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК Е ДОЛЖЕН ДА ЈА ДОСТАВИ
Учесниците на Јавниот повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2025 година се должни да достават:
- Пополнет образец на барање;
- Документирани докази за направените трошоци за печатење и документирани докази за направените трошоци за дистрибуција на печатениот медиум за календарската 2024 година;
- Потврда од Управата за јавни приходи за платени јавни давачки за 2024 година, согласно закон;
- Потврда од тековна состојба на субјектот од Трговски регистар и Регистарот на други правни лица.
- Потврда дека не е отворена постапка за стечај издадена од надлежен орган;
- Потврда дека не е отворена постапка за ликвидација издадена од надлежен орган;
- Потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не e изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство;
- Потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не e изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
- Потврда дека со правосилна пресуда нe e изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност;
- Потврда за регистрација на печатениот медиум во Регистaрот на издавачи на печатени медиуми од Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги;
- Писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице на подносителот на барањето дека печатениот медиум печател и дистрибуирал на пазарот најмалку три години до денот на објавувањето на јавниот повик и
- Писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице на подносителот на барањето дека печатениот медиум последните три години до денот на објавувањето на јавниот повик во континуитет се продавал на пазарот по цена од минимум 10 денари за националните дневни весници, минимум 10 денари за локалните неделници и минимум 50 денари за националните неделни и месечни печатени медиуми.
Кон барањето се приложува и изјава заверена кај нотар дека барателот под морална, материјална и кривична одговорност гарантира за точноста и веродостојноста на наведените податоци во барањето и за поднесената документација.
Документацијата која се доставува кон барањето за финансиска поддршка треба да биде во оригинал или копија заверена кај овластено лице (нотар), со исклучок на документираните докази за направените трошоци за печатење и дистрибуција на печатениот медиум за календарската 2024 година, и треба да биде потпишана од овластеното лице или од соодветниот надлежен орган.
IV. НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Пополнетиот образец на барање се доставува во еден оригинален примерок заверен и потпишан од страна на одговорното лице на субјектот заедно со потребната документацијата согласно дел III од овој јавен повик.
Еден корисник може да поднесе само едно барање за користење на средствата од за финансиска поддршка за истата календарска година.
Барањето со комплетираната документација се доставува во затворен плик, преку пошта на адреса: Влада на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат, бул. Илинден бр.2, 1000 Скопје или лично преку архивата на Владата секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот.
На предната страна на пликот во горниот лев агол да пишува „НЕ ОТВОРАЈ”, а под тоа „За поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2025 година“.
V. РОК НА ДОСТАВУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Јавниот повик ќе трае 10 дена од денот на неговото објавување во дневните весници, заклучно со 03.04.2025 година.
Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
VI. ПОСТАПКА И КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР НА КОРИСНИЦИ И ОДОБРУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО
Постапката за избор на печатените медиуми корисници на финансиската поддршка за печатење и дистрибуција ја спроведува Комисијата за поддршка на печатени медиуми, формирана од страна на Владата, врз основа на доставените барања и комплетната документација, а согласно следните критериуми:
- Печатените медиуми да имаат подмирени јавни давачки за календарската 2024 година;
- Да немаат отворена постапка за стечај;
- Да немаат отворена постапка за ликвидација;
- На печатениот медиум да не мy e изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство;
- На печатениот медиум да не мy e изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
- На печатениот медиум да не мy e изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност;
- Печатените медиуми да се регистрирани во Регистарот на издавачи на печатени медиуми во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги;
- Печатените медиуми да се печателе и дистрибуирале на пазарот најмалку три години до денот на објавувањето на јавниот повик и
- Печатените медиуми последните три години до денот на објавувањето на јавниот повик во континуитет да се продавале на пазарот по цена од минимум 10 денари за националните дневни весници, минимум 10 денари за локалните неделници и минимум 50 денари за националните неделни и месечни печатени медиуми.
Висината на одобрената поддршка ќе биде дефинирана со договор потпишан помеѓу Владата на Република Северна Македонија и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања.
VII. ВИСИНА НА ФИНАНСИСКИТЕ СРЕДСТВА
Поддршката за печатење и дистрибуција на печатените медиуми ќе се врши од предвидените средства од член 28-а став (3) од Законот за медиуми така што на дневните печатени медиуми кои се издаваат на македонски јазик им се доделуваат средства во висина од 50% за направените трошоци за печатење и во висина од 50% за направените трошоци за дистрибуција, а на дневните печатени медиуми кои се издаваат на јазик различен од македонскиот јазик, а кој го зборуваат припадниците на заедниците кои се најмалку 20% или помалку од 20% од населението во Република Северна Македонија загарантирани со Уставот, во висина од 70% за направените трошоци за печатење и во висина од 70% за направените трошоци за дистрибуција. Средства во висина од 70% за направените трошоци за печатење и 70% од направените трошоци за дистрибуција ќе им се доделат и на неделните, месечните и локалните печатени медиуми, согласно со доставените документирани докази за календарската 2024 година, а во зависност од бројот на поднесените барања.
VIII. ПРИЛОЗИ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Барањето може да се обезбеди преку интернет страницата на Владата на Република Северна Македонија: www.vlada.mk
IX. ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
За дополнителни информации барателите може да се обратат до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија на телефон 02/ 3123 371.