Царовска: Средните училишта ги отворивме за учениците, посакувам успешна учебна година и почитување на мерките за заштита

Средношколците најдобро знаат што значи враќањето на училиште. Дел од генерациите во изминатата година и половина искусија како е да имаат настава со физичко присуство и како е да се биде дел од онлајн или друга форма на настава и мислам дека целосно ја воочуваат разликата, особено од аспект на спроведување и учество во вистинска практична обука преку која ги надградуваат личните компетенции, но и од аспект на поквалитетен социјален живот.

Ова го истакна министерката за образование и наука за време на посетата на СУГС „Никола Карев“ во Скопје на првиот училишен ден од учебната 2021-2022 година, каде беше заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов и италијанскиот амбасадор во Скопје Андреа Силвестри.

„Задоволство ми е што и средношколците со стартот на новата учебна година се вратија во нивната средина, таму каде што припаѓаат, тоа е училиштето и верувам дека ќе имаме успешен едукативен процес и со висока лична и колективна одговорност ќе го одржиме овој модел на настава со физичко присуство за кој се заложивме, бидејќи е најефективен и нема подобра алтернатива“, рече Царовска, посочувајќи дека во изминатиот период и средните училишта интензивно се подготвуваа за да имаат квалитетна и безбедна настава и според информациите, таа е започната секаде. 

Исклучок се, како што рече Царовска неколку училишта каде има градежни активности и поради тоа извесен период наставата ќе биде онлајн, исто како и во училиштата од Тетово, Гостивар, Кичево и Струга каде поради епидемиолошката состојба, Комисијата за заразни болести донесе одлука учениците да не започнат настава со физичко присуство. 

Учебната година ја започнуваат околу 187.000 основци и 70 илјади средношколци.