Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави во нашата земја Кејт Мари Брнз која на почетокот на средбата го изрази своето, како и сочувството на народот на САД за жртвите од пожарот во модуларната КОВИД-19 болница во Тетово.
Премиерот Заев информираше дека е во тек сеопфатна истрага за случајот во која покрај домашните, се вклучени и експерти од СР Германија во делот на форензиката за да се утврдат најточните причини за пожарот со трагични последици.
Претседателот на Владата Заев и амбасадорката Брнз истакнаа дека денешната средба се остварува на денот кога пред 26 години двете земји воспоставија дипломатски односи на ниво на амбасади, дека Северна Македонија и САД продолжуваат да ги продлабочуваат меѓусебните односи и соработка, како и застапувањето и афирмацијата на заедничките вредности во НАТО.
Амбасадорката Брнз се заблагодари за поддршката на Република Северна Македонија во прифаќањето на граѓаните на Авганистан и нагласи дека гестот на нашата земја е силна порака како постапува земја сојузник и членка на НАТО.
На средбата стана збор и за соработката меѓу двете земји на економски план, при што беше поздравен интересот на американските компании да бидат дел од процесите за транзицијата на од фосилни кон обновливите извори на енергија, што доаѓа како резултат на позитивните политики што на овој план ги спроведува Република Северна Македонија.
Како позитивна беше оценета определбата на Владата за справување со корупцијата при што беше истакнато дека кампањата за борба против оваа појава има за цел не само да ја промени перцепцијата, туку и системски да ги елиминира причините за коруптивно однесување.
Премиерот Заев во разговорот си амбасадорката Кејт Брнз истакна дека процесите за почеток на локалните избори, како и текот на пописот се одвиваат според предвидената и очекувана динамика.