Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Штип, Сашко Николов, присуствуваа на настан со кој започна тестирањето на пречистителната станица во Штип како дел од повеќенаменскиот капитален проект – хидросистемот „Злетовица“.
На настанот, на кој присуствуваа и амбасадорите на Јапонија Хиронори Савада и на Словенија Милан Предан, кои со поволни финансиски средства и со донации учествуваа во реализацијата на сите придобивки од овој проект во регионот што ги опфаќа општините Пробиштип, Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово со што, меѓу другото, ќе се обезбедат со вода за пиење на над 100.000 жители во овие општини и за таа цел се изградени или во изградба се пречистителни станици и цевководи за водоснабдување во должина од 100 километри.
Премиерот Заев во своето обраќање на настанот истакна дека откако ќе заврши фазата на тестирање на сите аспекти на работата на пречистителната станица со ултрафилтрација во Општина Штип, жителите на Штип ќе добиваат најквалитетна вода за пиење, произведена по светски стандарди.
„Супер модерната пречистителна станица за вода за пиење во општина Штип со најсовремена технологија – ултрафилтрација, ќе работи со капацитет од 300 литри во секунда, со што општина Штип ќе има најголемата станица од ваков тип во државата и соседните земји. За пречистителната станица во Штип беа издвоени околу 6 милиони евра, средства од граѓаните на нашата земја издвоени од буџетот Владата на Република Северна Македонија. Оваа Влада, како и составот на Владата од претходниот мандат од 2017 континуирано работи комплетирање на огромниот капитален проект Хидросистем Злетовица како една од иницијативите за подобрување на условите за живот на граѓаните во целата земја и за рамномерен регионален развој“, нагласи претседателот на Владата Зоран Заев.
Тој додаде дека во таа насока, во североисточниот регион се спроведуваат повеќе капитални проекти од базично значење кои се силен потенцијал за развој на сите општини во овој дел од нашата земја.
„Привршуваат работите од првата фаза на ХС Злетовица за водоснабдување, и паралелно се работи на изведбата на системите за наводнување за околу 4.000 хектари земјоделска обработлива површина во регионот како цел на втората фаза. Во последната, во третата фаза, проектот Хидросистем Злетовица ќе се комплетира со објекти за производство на електрична енергија со предвиден капацитет од 50 гигават часови електрична енергија“, рече премиерот Заев.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека рамномерното развивање на сите региони во земјата е високо на агендата на Владата, а проектот за нова пречистителна станица за питка вода во Штип тоа го докажува.
„Граѓаните од овој регион беа сведоци дека иако веќе во 2012 година имавме на располагање ваков значаен објект, претходните Влади и локални самоуправи не ги преземаа вистинските чекори за да се искористат функциите на ХС Злетовица и да се обезбедат квалитетни услуги за граѓаните. Ние тоа дефинитивно го сменивме и правиме чекори кон максимизирање на потенцијалите на ХС Злетовица. Сакаме овој капитален проект да го ставиме во функција на граѓаните, за поквалитетен живот, но и самоодржливост на хидросистемот, кој треба да служи на генерации граѓани", нагласи вицепремиерот Битиќи во своето обраќање.
Градоначалникот на Штип Сашко Николов потенцираше дека Штип и штипјани конечно добиваат пристап до чиста и здрава вода за пиење.
„Капацитетот на новата станица за ултра-филтрација е доволен да ги задоволи сегашните потреби на Штип и штипјани за вода и во најкритичните периоди. Објектот и опремата за новата станица за ултра-филтрација се набавени со одобрени 3,6 милиони евра неповратна финансиска помош, средства добиени од Владата на Република Северна Македонија преку ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Управата за водостопанство“, истакна градоначалникот Николов и додаде дека со пуштањето во редовна употреба на станицата за ултра-филтрација Општина Штип ќе ја има најголемата станица од ваков тип во државата и од соседните земји.