Средба помеѓу вицепремиерот Битиќи и постојаната претставничка на УНДП Сахакјан – Плодната соработка помеѓу Владата и УНДП вроди со многу успешни проекти во изминатите неколку години

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска одржа средба со постојаната претставничката на УНДП во Република Северна Македонија, г-а Нарине Сахакјан.

Вицепремиерот Битиќи и Сахакјан на средбата разговараа за отпочнување на втората фаза од имплементацијата на проектот „Поддршка за националната развојна стратегија 2021-2041“.

Во првата фаза на проектот беше изготвена модерна и иновативна методологија, додека во втората фаза ќе се формулира текстот на стратегијата. Темите кои стратегијата ќе ги опфати ќе се дефинираат преку инклузивен и партиципативен процес кој цели да вклучи што повеќе заинтересирани страни. Обете фази до сега се финансиски поддржана од Обединетото Кралство. Проектот се спроведува со техничка поддршка од страна на  Програмата за развој на Обединетите Нации УНДП и со активно учество на Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН преку која ќе се стави во функција колективното знаење и искуство на сите агенции на ОН во земјата.

Битиќи и Сахакјан исто така разговараа за соработката меѓу Владата, УНДП и другите агенции на Организацијата на обединетите нации за потенцијален нов проект, финансиран од „Фондот за Целите за одржлив развој“ на ОН, со кои би се создале нови можности за зелено финансирање и би се забрзала транзицијата кон обновливи извори на енергија и зголемена енергетска ефикасност.

Постојана претставничка на УНДП Сахакјан, чијшто тригодишен мандат во земјата истекува во октомври 2021, ја искористи средбата за да му се заблагодари на Заменик на претседателот Битиќи за успешната соработка со Владата во изминатите години, нагласувајќи дека УНДП ќе продолжи да биде близок развоен партнер на Република Северна Македонија во насока на остварување на националните приоритети и Целите за одржлив развој од Агендата 2030.

Вицепремиерот Битиќи на маргините на состанокот упати благодарност за личниот и професионален ангажман на постојаната претставничка на УНДП Сахакјан и воопшто до Програмата за развој на Обединетите Нации, за реализација на проекти поврзани со остварувањето на глобалните цели за одржлив развој. Тој посочи дека во изминатиот период имале навистина плодна и конструктивна соработка, која во иднина ќе донесе бенефит за сите граѓани на Република Северна Македонија.

Битиќи и посака на Сахакјан со иста посветеност и успех  да работи и на новата позиција, пришто потенцираше дека соработката помеѓу Владата и УНДП и во иднина ќе биде на високо ниво.