Сарачини не очекува проблеми во снабдувањето со нафта
Министерот за економија Ваљон Сарачини не очекува ОКТА, а со тоа и македонските граѓани да имаат проблем со нафтените деривати и покрај најавите од Иран за прекин на испораката на сурова нафта кон Грција.
- Можам да кажам со сигурност дека граѓаните на Република Македонија до јуни нема да имаат проблеми, бидејќи има доволно нафта и нафтени деривати во овој период. Побаравме и мислење од нашата Канцеларија за врски во Атина и уште пред 10 дена добивме одговор дека имаат допис во кој се гарантира дека до јуни 2012 година ќе нема прекин во снабдувањето со нафта од страна на Иран за Грција, изјави министерот Сарачини на денешната тркалезната маса за реализација на препораките од извештајот на „Doing Business 2012“ кои се однесуваат на пристапот до електроенергетските мрежи.
Сарачини рече дека од контактите со претставници и менаџментот на ОКТА, може да се заклучи дека до јуни дефинитивно ќе нема прекин во снабдувањето со нафта, но доколку се случи тоа имаат други алтернативни снабдувачи како што се Русија, Катар и други.
- Засега немаме индиции дека прекинот на снабдувањето со нафта од Иран може да предизвика зголемување на цената на нафтените деривати кај нас, истакна Сарачини.
Рафинеријата ОКТА, која е во сопственост на грчки Хеленик Петролеум, е единствениот и најголем производител на нафтени деривати во Македонија. Од рафинеријата се снабдуваат најголем дел од македонските дистрибутери на нафтени деривати.