Министерот Сарачини упати честитки и поддршка до најуспешните жени-менаџери
Министерот за економија Ваљон Сараќини вчеравечер свечено ја отвори манифестацијата Избор на 10 најуспешни жени менаџери на Република Македонија, која оваа година се одржа по 16 –ти пат, во организација на Агенција МАРИЛИ.
Оваа манифестација е посветена на најдобрите жени-менаџерки од различни дејности, од територијата на целата држава, но од дијаспората, избрани врз основа на официјалните податоци од релевантните институции и според препораките од самите деловни субјекти.
Министерот Сараќини во своето обраќање го истакна растечкиот тренд на жените во деловниот свет во светски рамки: „Одредени сектори, кои до неодамна како да беа резервирани само за мажите, денес се’ повеќе ги заземаат жени. А доколку сакаме да бидеме конкурентна и динамична економија базирана на знаење, согласно Лисабонските принципи, потребно е да имаме поголема вклученост на женската популација во образованието и во економијата, со цел обезбедување едуцирани и подинамични жени – претприемачи, кои ќе придонесуваат во креирањето на бизнис опкружувањето и севкупната економска политика“.
Годинава со признанието најуспешни жени-менаџери за 2011 година се закитија: Тања Атанасова, маркетинг менаџер во „Вивакс“-Скопје, Милкица Глигорова, директор на прозводство во АД „Алкалоид“ Скопје, Марта Наумовска Грнарова, генерален менаџер на „Завар Компани“-Скопје, Елена Младеновска Јеленковиќ, директор на Дирекција за Маркетинг и развој на производи во ТТК Банка АД Скопје, Света Богова Јовановска, генерален менаџер на модната агенција „Подиум“ и организатор на Моден викенд – Скопје, Снежана Јовановска, генерален менаџер на „БИОкулт“-Скопје, Елита З. Маша, генерален менаџер на „Инфинитѕ МГ & Wilson School“ – Тетово, Ана Мијакова Мурџева, директор на свињарска фарма, „Агриа“-Велес, Љупка Наумовска, генерален менаџер на „Ханибиз“-Скопје, Ана Линдвал Олсон, сопственик и генерален менаџер во OTM Foto & Design / ORD Text Mening, Шведска.
Министерот Сараќини упати срдечни честитки до наградените, додавајќи дека покрај расположивиот кадровски потенцијал и способностите на жените, за успешен развој на женското претприемништво потребна е и силна владина поддршка.
„Од оваа година, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста на МСП во 2012година, за првпат е предвидена финансиска поддршка за женско пртеприемништво, односно субвенционирање на претпријатија во сопственост и управувани од жени“, истакна министерот за економија, упатувајќи покана до жените-менаџери да аплицираат за поддршката преку проектот Жени-претприемачи. Сараќини упати честитки и силна поддршка до жените-менаџерки: „На наградените им посакувам блескави деловни резултати и во иднина, а на останатите жени претприемачи овој избор да им биде мотив повеќе да се вложат максимално да се најдат еден ден на листата на наградени. Бидејќи, знам дека жените тоа го умеат. Или, според зборовите на челичната дама Маргарет Тачер, ако сакаш нешто да се каже – дај му задача на маж. Но, ако сакаш нешто да се заврши – дај ја задачата на жена“.