МАПАС ќе стане независно контролно тело
Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) која е контролор на приватните пензиски фондови во кои се издвојуваат средства од пензиското осигурување на граѓаните ќе стане независна од извршната власт откако ќе бидат усвоени законските измени што ги донела Владата на последната седница, а ги презентираа денеска министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата Булен Дервиш.
- Со ова решение одговорноста за работењето, самостојност и независност, како и за надзорот на работата на Агенцијата од надлежност на извршната власт ќе се пренесат на законодавната, односно на македонското Собрание. Дополнително, со институционалната независност на Агенцијата се исполнуваат критериумите и стандардите за независност на регулаторни тела кои се поставени во документите на Европската унија, во делот на финансиските услуги, рече министерот Ристовски.
Тој појасни дека согласно измените се предлага орган на управување на агенцијата да биде совет на експерти од пет члена, од кои три ќе бидат професионално ангажирани, а два члена експерти кои нема да бидат професионално ангажирани во работата.
Директорот на агенцијата истакна дека со воспоставување на независноста на ова тело се зголемува и одговорноста, поради што, како што рече, постојано се надградуваат нејзините капацитети, и материјални и човечки.
- Во тие рамки многу е значаен и проектот кој започна да се спроведува минатата година со средства од ИПА програмата на Европската унија. Главна цел на проектот е да се зајакнат капацитетите на Агенцијата со цел да се овозможи поефикасна, транспарентна работа и стабилност на пензискиот систем, рече Дервиш.
Трите главни компоненти на проектот, појасни, се воведување супервизија базирана на контрола на ризикот, стратешко и деловно планирање со дефинирање деловни процеси и подобрување на знаењето и безбедноста.
Капитално финансираното пензиско осигурување е воведено во 2006 година. Со неговото функционирање се акумулираат и инвестираат средства на лични сметки на членовите на пензиските фондови. Контролата врз работата на овие фондови ја врши МАПАС.