Вицепремиерот Битиќи на средба со амбасадорот на Луксембург Донкел – Северна Македонија и Луксембург имаат пријателски и партнерски односи

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, денес го прими амбасадорот на Големото Војводство Луксембург, Н.Е. г. Филип Донкел, со кого разговараа за политичката и економската соработка помеѓу двете земји.

На средбата се потврдија пријателските и партнерските односи помеѓу двете земји, а најголем фокус во разговорите беше ставен на економската соработка и можностите за инвестирање во Република Северна Македонија.

Амбасадорот Донкел ја потврди поддршката на Големото Војводство Луксембург за перспективата за европска интеграција за сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија и притоа потенцираше дека е посветен за зајакнување на одличните односи меѓу двете земји и нивно интензивирање во политичката, економската и културната сфера.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата на Република Северна Македонија континуирано работи на унапредување на бизнис климата во земјата, како и дека постојат голем број на мерки за стимулирање на нови домашни и странски инвестиции, особено во производството со додадена вредност, како и дека постојат одлични можности за реализација на инвестиции во енергетскиот сектор.

Битиќи и Донкел се согласија дека ќе продолжат да ја негуваат и унапредуваат соработката помеѓу двете земји и дека ќе се посветат на реализација на потенцијалите за економска соработка помеѓу двете земји.