Премиерот Заев го прими холандскиот амбасадор Коп: Континуирана поддршка од Холандија за евроинтеграциите, соработка во однос на реформите и унапредување на економските односи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска го прими амбасадорот на Кралството Холандија во нашата земја Дирк Јан Коп.

На средбата, се разговараше за учеството на Владината делегација, предводена од премиерот Заев на Самитот на Европската Унија за Западен Балкан во Словенија, вчера, на 6 октомври 2021 година.

Премиерот Заев изрази задоволство од искажаната поддршка од лидерите на ЕУ по завршувањето на Самитот во Крањ, за влез на Северна Македонија во Унијата, додавајќи дека разговорите со Република Бугарија продолжуваат и изразувајќи увереност за надминување на спорот во наредниот период.

Амбасадорот на Кралството Холандија Коп упати честитки за успешно спроведениот попис во нашата земја, потенцирајќи дека тоа е важен процес за успешно спроведување на политиките за подобрување на животот на граѓаните.

Во таа насока беше оценето дека исполнувањето на реформите, владеењето на правото обезбедува функционални институции и креирање на успешна бизнис клима, при што соговорниците се согласија дека се креираат поволни услови за натамошен развој, посебно на капацитетите на правната држава.

Премиерот Заев и холандскиот амбасадор Коп разговараа и разменија мислења и за актуелната политичка состојба во Република Северна Македонија и претстојните локални избори.

Заеднички е констатирано дека двете земји имаат одлични економски односи и дека во земјата се носат поволни мерки и се креираат можности за привлекување на нови инвестиции и иновации особено во земјоделскиот сектор.