„Околу 48% имаме завршени градежни работи на првата фаза од автопатската делница Скопје-Блаце. Во моментот имаме асфалтерски работи кои се одвиваат со одлична динамика. Дополнително се работи на ископи, канали и бетонирање на други објекти", истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, кој заедно со заменик министерт Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми, извршија увид во изградбата на овој автопат.
Инвестицијата за првата делница од граничниот премин Блаце до село Блаце изнесува 14,2 милиони евра. Според динамиката на изградба се очекува да се заврши до средината на следната година.
„Нашата намера е да изградиме модерно автопатско решение, по сите меѓународни стандарди, безбеден за сообраќај со посебен инпут на подобрување на економските врски со Косово и зголемување на билатералната соработка. Оваа делница е дел и од Рутата 6 од сеопфатната СЕЕТО мрежа и е многу важна заради проширување на Европските патни мрежи кон Западен Балкан. Во однос на втората делница е од с.Блаце до клучка Стенковец, во должина од околу 10,5км, сакам да напоменам дека според процедурите, тендерската постапка би отпочнала втор квартал следната година”, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Втората делница ќе се финансира со заем од ЕБОР и инвестициски грант од ВБИФ, чија предвидена вредност изнесува 120 милиони евра.
„Идејниот проект за втората фаза е завршена, студијата за животна средина деновиве ќе ја доставиме до ЕБОР. Очекувам во прв кваратал од следната година да имаме и основен проект и да бидат завршени и инфраструктурните проекти за да можеме да ја започнеме постапката за избор на Изведувач”, изјави Ејуп Рустеми директор на ЈП за државни патишта.