Македонско вино, овошје и зеленчук на Зимскaтa олимпијада Сочи 2014

Вино, овошје и зеленчук од Македонија да се извезе за потребите на Зимските олимписки игри во Сочи, договараа владиниот економски тим предводен од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната средба со губернаторот на Краснодарскиот регион Александар Николаевич Ткачев.

- Денеска зборувавме со губернаторот дека постои добра можност да се извезуваат земјоделски производи од Македонија во Краснодарскиот регион, особено во контекст на потребите за Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година. Понудата за време на Олимписките игри, но и во целиот Краснодарски регион може да биде збогатена со македонските земјоделски производи. Ќе ни биде задоволство да ги испратиме нашите компании тука да учествуваат на форумот за земјоделски производи, на кој ќе се направат потребните деловни врски и се надевам склучат добри зделки, посочи вицепремиерот Ставрески презентирајќи ги можностите на Македонија за инвестиции пред бизнис заедницата во Краснодар.

Тој потенцира дека земјоделстврото е една од носечките гранки во стопанството во Република Македонија со 12 отсто учество во БДП. Македонија, додаде, е земја со голем број сончеви денови, добра клима, а нашите земјоделски производи се со извонреден квалитет, особено овошјето и зеленчукот. Македонија, исто така, произведува високо квалитетено вино.

Ставрески пред потенцијалните инвеститори се осврна и на даночната политика на Македонија, која може да биде привлечна како пазар за странските компании бидејќи има договори за слободна трговија со сите земји во ЕУ, каде ќе може да извезуваат без царина.


- Македонија според демографските податоци, со два милиона жители може на потенцијалните инвеститори  да им изгледа мал пазар, но тоа е сосема погрешно. Имаме потпишано договори за слободна трговија со сите земји од Европската унија, Турција и соседните земји што не прави пазар од 650 милиони потрошувачи. Ако странска компанија инвестира во Македонија, таа ќе може да извезува на пазар од 650 милиони луѓе без царини, истакна Ставрески.

Пред присутните потенцира дека Македонија е добра дестинација за странските инвеститори бидејќи има макроекономска и финансиска стабилност и добра фискална политика за поддршка на растот. Има привлечен даночен пакет за инвеститорите и дополнителни погодности во слободните економски зони, стручна работна сила, Македонија е рангирана меѓу најдобрите реформатори во бизнис климата во светот, има договори за слободна трговија кои покриваат пазар од 650 милиони потрошувачи и добра географска положба, таканаречена крстосница која се наоѓа во срцето на Европа, а Владата ги знае и почитува потребите на приватниот сектор, рече Ставрески.

Министерот за странски инвестиции Бил Павлески го оцени денешниот форум како успешен. 

- Планирани се натамошни средби преку кои македонски компании ќе соработуваат со овдешни локални компании, особено за следните олимписки игри во 2014 година, изјави Павлески и додаде дека од руска страна е изразен интерес за понудата во Македонија на големи земјоделски парцели за одгледување земјоделски производи наменети за извоз од Русија во Европската унија. 

Интерес од страна на руските компании предизвикале и фискланите услови кои ги нуди Македонија во економските зони, како и десетгодишното ослободување  од данок и можност за извоз во ЕУ.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо ги презентираше можностите кои ги нудат слободните економски зони и енергетски проекти како Вардарска долина и Кожуф.

Владиниот тим предводен од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески утре инвестициските можности во Македонија ќе ги претстави пред руските компании од Сочи.