Зимската Олимпијада во Сочи - можност за македонските градежни компании
Стотина руски компании се запознаа со можностите за инвестирање во Македонија преку презентациите на владиниот економски тим во Русија, што завршија денеска во Сочи. Во контакти со стопанствениците од овој крај препозната е добра можност за враќање на македонските градежни компании на пазарот во Сочи, кој е организатор на Зимските олимписки игри во 2014 година.
- Интересот на бизнис форумите што ги одржавме во Русија беше добар. Сметам дека постои заинтересираност на бизнисмените од овој регион. Долго време Македонија не била присутна на овие пазари, немале доволно информации и очекувам во следниот период, според она што тука го разговаравме да имаме директни средби меѓу бизнисмените, а нашите компании да ја искористат оваа можност, вратата што ние ја отворивме, за да се пласираат повеќе македонски производи на рускиот пазар, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по денешниот бизнис форум во Сочи.
Тој додаде дека Сочи кој ќе биде и домаќин на Олимпијадата во 2014 година, е шанса за извоз на македонските производи - овошје, зеленчук, вино и сето она што може Македонија да го понуди.
- Се договоривме да се разменат листи на производи и на компании кои директно ќе стапат во контакт и очекувам тоа да резултира со извоз на производи на овој пазар. Исто така, имаше интерес за отварање на откупно-дистрибутивен центар од страна на руски компании во Македонија, а исто така, мислам дека овој пазар е интересен и за македонските градежни компании, рече Ставрески.
По враќањето од Русија, како што посочи, планира да разговара и со градежните компании кои се добро познати во овој регион, кои во минатотот учествувале во изграба на патишта и хотели. - Разговаравме за тоа дека треба да ги вратиме овде македонските градежни компании, што е шанса за нив да излезат на овој пазар, да обезбедат работа во следниот период за Олимпијадата и пошироко, во контекст на целиот регион, рече Сатврески.
Вицепремиерот изрази задоволство од можноста да ги презентираат во Русија потенцијалите за вложување во Македонија, во форма на странски инвестиции, како и во форма на зацврстувње на односите во делот на трговијата, односно извоз на македонски производи на рускиот пазар.
Според него, ова беше одлична можност да се запознаат руските бизнисмени со можностите што ги нуди Македонија, во делот на најниски даноци, на ниски вкупни трошоци, потоа преку договорите за слободна трговија со што се овозможува производите да бидат извезувани на европскиот пазар, на пазар од 650 милиони жители.
- Се на се, сметам дека е добро што овојпат презентацијата ја направивме во внатрешноста на Русија, во овие региони каде постои голем пазар, кој бара доста производи, кој, исто така, не го познава доволно македонскиот пазар. На ваков начин преку презентацијата ние им дадовме првични информации некои од овие компании се одлучат да инвестираат во Македонија, истакна Ставрески.
Владиниот тим презентираше и конкретни проекти, како што се во делот на туристичките развојни зони, можностите за инвестирање во станбени и други населби, можности за изградба на откупни дистрибутивни центри во земјоделството, енергетските проекти, дел од инфраструктурните проекти и можностите што се нудат во слободните економски зони.
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо посочи дека Македонија во договор со Брисел е единствена земја која има добиено дозвола за слободни економски зони. Тој ги информираше руските стопанственици дека во моментот има четири зони, а следната година ќе има 11.
- Самиот факт што една руска мултинационална компанија одбра да инвестира во слободна економска зона во Македонија, се надевам дека ќе биде знак за руските компании од производниот сектор да ја искористат истата поволност и да влезат на македонскиот пазар, рече Мизо.
Владиниот тим во изминатите неколку дена ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија во Ростовскиот и Краснодарскиот регион во Русија.
Ростовската област која се наоѓа во југозападниот дел на Русија брои 4,3 милини жители. Таа спаѓа меѓу поразвиените и побогати руски федерални единици, со поголем број развиени стопански гранки, меѓу кои машинската, металургијата, автомобилската и воената, кои опфаќаат над 90 отсто од вкупниот обем на производство. Развиени се и други индустрии како хемиската, текстилната, преработувачката, прехранбената, енергетиката и земјоделскиот сектор. Бизнис заедницата од оваа област пројави интерес за изградба на откупно дистрибутивни центри во Македонија.
Краснодарскиот крај е дел од јужниот федерален округ на Руската Федерација, има население од 5,3 милиони жители. Спаѓа меѓу поразвиените и побогати руски федерални единици. Главен и административен центар е Краснодар кој е и важен стопански центар каде што се присутни повеќе индустрии меѓу кои металургија, металска производство на машини и опрема, хемиска и петрохемиска индустрија, текстилна, градежништво и слично. Една од поважните стопански гранки во овој дел е туризмот.
Сочи е најпознат и најголем турстички центар во Русија. Се наоѓа на брегот на Црното Море со население околу 350 илјади жители. Во 2014 година ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри. Основна стопанска гранка е туризмот а од другите области застапени се лесната индустрија како текстилна, прехранбена, преработувачка и земјоделство.