Со поддршка од ОБСЕ и годинава ќе се подобрува капацитетот на македонската администрација
Министерството за информатичко општество и администрација и во текот на годинава со низа активности ќе го јакне капацитетот на администрацијата и ќе ја унапредува регулаторната политика.
Тоa го овозможува денеска потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Министерството и Мисијата на ОБСЕ во Скопје што се однесува за два проекта - стручна обука на државни службеници во делот на изготвување и имплементација на закони и прописи и активности за ex-post евалуација на законодавството.
- Основната цел на проектите е јакнење на капацитетот и стручноста на админинстрацијата со цел да се обезбеди квалитетен, ефикасен и инклузивен процес за подготовка на законски и други процеси, како и воведување на ex-post евалуација на спроведувањето на законите. Со тоа ќе се овозможи натамошно унапредување на владеењето на правото во Република Македонија, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски по потпишувањето на Меморандумот, заблагодарувајќи се на Мисијата на ОБСЕ за поддршката во процесот на поквалитетна подготовка и имплемантација на законите во земјава.
Во континуитет, нагласи, ќе се обезбеди сеопфатна и одржлива обука за јавната администрација во областа на пдоготовки на закони и други прописи и за регулаторен менаџмент.
- Обуката како и лани ќе биде одржана на две нивоа - почетно и напредно ниво, а воедно ќе биде зголемена и групата на почетно ниво и обучувачите во таа област. Од таа група ќе бидат ангажирани обучувачи кои ќе спроведуваат каскадни обуки во областа на подготовките на законските и другите прописи за нивните колеги во администрацијата. Курсот за учење од далечина, што беше развиен лани, ќе биде надграден и достапен за сите државни службеници во земјава, рече министерот Ивановски.
Ќе бидат преземни и активности, додаде, за унапредување на учеството и консултациите со јавноста и засегнатите страни во законодавниот процес, а во рамките на компонентата за унапредување на регулаторната политика ќе биде воведена нова правна институционална рамка за мониторирање и ex-post евалуација на законодавството.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Ралф Брет истакна дека двата проекти ќе придонесат законите да бидат подобро изготвени и спроведени, и за унапредување на учеството и консултациите со јавноста и засегнатите страни во законодавниот процес.
- Мисијата на ОБСЕ била и останува посветена на помошта кон државните власти со цел остварување на транспарентен, инклузивен и добро интегриран законодавен процес што ќе резултира со подобри и појасни закони кои лесно се разбираат и се применуваат, како и обезбедување начини да се процени дали ги постигнуваат посакуваните ефекти и јавните цели, рече Брет.