Бесими: Признание од САД за она што го прави Македонија во меѓународните мировни мисии
Работиме и укажуваме на нашиот интерес и придонес, како и на нашиот пристап да најдеме конструктивно решение за името со кое на претстојниот Самит на НАТО во Чикаго би се назначил еден чекор понатаму, поблиску до членство во Алијансата, изјави министерот за одбрана Фатмир Бесими по средбите во Вашингтон.
За Гласот на Америка на македонски Бесими ја резимира пораката од средбите со претставници на Стејт департментот и Советот за национална безбедност во контекст на прашањето за името и членството во НАТО.
- Тоа што го слушаме од нивна страна е признание за она што го прави Македонија во меѓународните мировни мисии и поддршка за членство во НАТО со укажување дека ова што ние го предлагаме, конструктивност во овој процес, треба да се усогласи со Грција за да можеме конечно да станеме рамноправна членка на Алијансата, нагласува Бесими.
Било разговарано и за концептот „смарт дифенс“ што ќе биде една од темите на претстојниот Самит, како и за можноста земјите како Македонија и останатите аспиранти, членките на НАТО, помалите држави да се вклучат во овој проект.
- Македонија се појави како можност да бидеме лидери во организација на работна група за „смарт дифенс“ за земјите од регионот, со конкретни проекти да ги зголемиме регионалните капацитети за придонес во меѓународните мировни миси.
Делегацијата од Министерството за одбрана предводена од министерот Бесими учествуваше на годишните билатерални одбранбени консултации во Пентагон, со Селесте Валандер, заменик - помошник на секретарот за одбрана за Европа и Евроазија.
На консултациите било истакнато дека стратешкото партнерство меѓу САД и Република Македонија е од голема важност во одбраната во смисла на одржување на стабилноста и на економскиот просперитет. Потенцирана била американската поддршка во делот на планирањето и модернизацијата, како и во делот на старата опрема. Станало збор и како Криволак со инвесдтициска помош да стане регионален центар за обука.