Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на посетата на Брисел, каде се наоѓа во дводневна работна посета се запозна и поразговара со млади професионалци од нашата земја, кои работат во меѓународните институции и приватниот сектор во Кралството Белгија.
На средбата, премиерот Ковачевски придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и амбасадорката на Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, Агнеза Руси - Поповска со младите професионалци разговараше за нивните лични професионални предизвици и за актуелните меѓународни случувања на политичката сцена во Северна Македонија.
Една од темите на разговор беше Отворен Балкан, при што премиерот Ковачевски информираше дека Иницијативата не е замена за Европската Унија, но, е значајна за регионалниот развој на економијата и олеснување на движењето на луѓето, како и на стоките и подобрување на условите за соработка.
Премиерот Ковачевски во разговорот со младите од Северна Македонија разменија мислења за важноста на проширувањето на видиците кои ги обезбедуваат меѓународните студии и градењето на професионалната кариера во странство.
Вицепремиерот Маричиќ истакна дека групата на млади луѓе кои се на состанокот се истакнати професионалци со капацитет на знаење и искуство кои можат да бидат вклучени во евроинтеграциските процеси.
Амбасадорката Руси изрази благодарност до младите кои се одзваа на поканата да присуствуваат на средбата, истакнувајќи дека вмрежувањето е многу важно и за добра меѓусебна соработка.
Присутните млади професионалци низ разговорот споделија дел од своите работни искуства, информирајќи подетално за моменталните професионални подвизи на кои работат.