Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на отворањето на тркалезната маса на тема „Економска интеграција на Северна Македонија во рамки на Западен Балкан и перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата Отворен Балкан“.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање на настанот, на кој беа презентирани резултатите од истражувањето „Перцепцијата на извозно ориентираните компании во Северна Македонија за Иницијативата Отворен Балкан“, што го реализираа тинк-тенк организацијата Аналитика и Фондацијата Отворено Општество Македонија, истакна дека анализата нуди сеопфатна слика за состојбата на регионалната соработка во регионот од аспект на четирите слободи и тоа - слободно движење на стоки, услуги, лица и капитал, што ги мапира клучните чинители за зајакнување на соработката во рамки на „Отворен Балкан“.
„Истражувањето на Аналитика и Фондацијата Отворено Општество Македонија потврдува дека компаниите имаат позитивно мислење за иницијативата за соработка Отворен Балкан. Гледаат на оваа иницијатива како нова можност за подобрување на работењето на нивните компании“, нагласи премиерот Ковачевски.
Тој додаде дека овој извештај веднаш ќе го сподели со претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија Еди Рама, како одличен податлив инпут за претстојниот Самит на Отворен Балкан кој ќе се одржи во Охрид пролетва.
Во таа насока претседателот на Владата Ковачевски укажа на вредноста на првите договори и меморандуми што беа потпишани во Тирана во декември 2021 година: Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
„Со овие договори, рече Ковачевски, им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан“ со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји“.
„Иницијативата „Отворен Балкан“ отвори можности за поврзување и за окрупнување пазар до кој имаат пристап сите во регионот. Ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме“, потенцираше Ковачевски и дополни дека на „Отворен Балкан“ треба да се гледа како на нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заедничкиот договор на нејзините земји членки.
Премиерот Ковачевски истакна дека „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ туку засилувач на европската идеја на Балканот и катализатор на регионалната соработка според европски стандарди, и како таков е за доброто на целиот регион, за сите земји од Западен Балкан.
„Сите останати земји од регионот имаат отворена, јавна, директна и недвосмислена покана да се придружат. Ги охрабруваме сите од Западен Балкан заедно да придонесеме да имаме економски развиен регион, без пречки, без ограничувања, прилагоден целосно на потребите на нашите народи“, нагласи претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски во обраќањето на тркалезната маса на тема „Економска интеграција на Северна Македонија во рамки на Западен Балкан и перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата Отворен Балкан“ во организација на тинк-тенк организацијата Аналитика и Фондацијата Отворено Општество Македонија.
Во завршницата тој укажа дека ова истражување покажува дека „Отворен Балкан“ е на вистинската патека и дека податоците од него помагаат препораките да бидат преточени во конкретни акции, планови и резултати.
Обраќање на ПВРСМ Ковачевски за иницијативата Отворен Балкан на Аналитика и ФООМ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на отворањето на тркалезната маса на тема „Економска интеграција на Северна Македонија во рамки на Западен Балкан и перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата Отворен Балкан“.
Во продолжение ви го испраќаме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
„Почитувани организатори и учесници на дебатата за економските потенцијали за извозно ориентираните компании од иницијативата „Отворен Балкан“,
Сакам да ви изразам честитки и благодарност за организацијата на овој настан посветен на една исклучително значајна иницијатива како што е „Отворен Балкан“ и на регионалната соработка.
Сметам дека Аналитика и Фондацијата Отворено Општество, преку наодите од истражувањето за Перцепцијата на извозно ориентираните компании во Северна Македонија за Иницијативата „Отворен Балкан“, ни нудат една сеопфатна слика за состојбата на регионалната соработка во регионот.
Мислењата на засегнатите страни, особено на бизнис секторот, се од огромно значење во пресрет на претстојниот Самит на Отворен Балкан кој ќе се одржи во Охрид пролетва. Таму ќе развиваме проекти од областа на културата и туризмот, со фокус на интересите на младите.
Многу е вредно што ова истражување го анализира моменталниот статус на економијата од аспект на четирите слободи и тоа - слободно движење на стоки, услуги, лица и капитал, што ги мапира клучните чинители за зајакнување на соработката во рамки на „Отворен Балкан’’.
Овој извештај веднаш ќе го споделам со моите пријатели Еди Рама и Александар Вучиќ бидејќи знам дека ќе ни биде одличен инпут за нашите идеи за развој на Отворен Балкан.
Во оваа иницијатива од сам почеток беа максимално вклучени стопанските комори на сите земји што ја прифатија иницијативата. И знам дека на самитите на Отворен Балкан доаѓаат и фирми и бизниси од Косово, БиХ и Црна Гора, иако нивните земји сé уште не се приклучиле. И тоа ми кажува дека прашање на време е кога Отворен Балкан ќе брои повеќе од три држави.
Истражувањето на Аналитика и Фондацијата Отворено Општество Македонија потврдува дека компаниите имаат позитивно мислење за иницијативата за соработка Отворен Балкан. Гледаат на оваа иницијатива како нова можност за подобрување на работењето на нивните компании.
Токму затоа првите договори и меморандуми што беа потпишани во Тирана во декември 2021 година беа Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
Со овие договори им овозможуваме на граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија пристап до електронските услуги на националните портали на трите земји преку креирање електронска идентификација „Отворен Балкан” со што започнува остварувањето на можноста за олеснет и непречен пристап до пазарот на труд во трите земји.
Веќе се спроведува и Договорот за соработка во ветеринарните, фитосанитарните контроли и безбедноста на храната, со што нема повеќе чекање на граничните премини, односно ако стоката тргне од Саранда во Албанија и преку Северна Македонија треба да оди во Суботица во Србија, трите држави си ги признаваат лабораториските анализи, се врши усогласување на документите за стоката од животинско и растително потекло и нема веќе потреба од вообичаените чекања со часови по границите.
„Отворен Балкан” води кон бришење на границите како административни бариери и ги овозможува четирите европски слободи за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот.
„Отворен Балкан“ отвори можности за поврзување и за окрупнување пазар до кои имаат пристап сите во регионот.
Ги поврзуваме економиите, стануваме поконкурентни, посилни и уште повеќе подготвени за натамошен развој. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме.
На „Отворен Балкан“ треба да се гледа како на нешто што е вообичаена и нормална пракса во ЕУ врз основа на заедничкиот договор на нејзините земји членки.
Секако, и овој пат потенцираме - „Отворен Балкан“ не е замена за ЕУ туку засилувач на европската идеја на Балканот и катализатор на регионалната соработка според европски стандарди. Отворен Балкан не одзема, не намалува – Отворен Балкан додава, зголемува можности. Европски можности.
Ќе завршам со тоа што ќе повторам дека „Отворен Балкан“ е автентичен, заеднички процес инициран од Северна Македонија, Албанија и Србија, но процесот е создаден за доброто на целиот регион. За сите наши граѓани. Отворен е за сите земји од Западен Балкан. Нашите сојузници од меѓународната заедница веќе отворено ја поддржуваат иницијативата, мислам на САД и ЕУ, но и јасно ни укажуваат дека Цело е кога има сé! И затоа јас, Вучиќ и Рама ќе направиме сé да ги убедиме Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина дека Отворен Балкан носи брзи, ултра брзи придобивки за нашите народи.
Сите останати земји од регионот имаат отворена, јавна, директна и недвосмислена покана да се придружат. Ги охрабруваме сите од Западен Балкан заедно да придонесеме имаме економски развиен регион, без пречки, без ограничувања, прилагоден целосно на потребите на нашите народи.
Ви благодарам за овој ваш професионален и аналитички пристап, ова е веројатно прво или едно од првите истражувања кое емпириски покажува дека сме на вистинската патека. Овие ваши податоци помагаат да ги преточиме идеите во конкретни акции, планови и во конкретни резултати.
Благодарам и ви посакувам успешна дебата.
И замолувам да ги добијам овие анализи на англиски, српски и албански јазик за да можат да ги користат и нашите пријатели од регионот.“