Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Славица Грковска задолжена за политики за добро владеење, денеска, во својот кабинет се сретна со амбасадорот на Француската Република во нашата земја, Н.Е. Сирил Бомгартнер.
Францускиот Амбасадор посакувајќи ѝ успешен мандат на вицепремиерката Грковска истакна дека Северна Македонија има јасна поддршка од Франција во однос на остварување на евроинтеграциите.
Во оваа насока, на средбата беше истакнато дека од особена важност е воспоставувањето на квалитетна база за соработка и во тие рамки да бидат утврдени сите активности за остварување на стратешките цели и приоритети, водејќи се од основните принципи на добро управување, одговорност, ефикасност, чесност и отчетност во остварувањето на европските вредности.
Вицепремиерката Грковска истакна дека со Француската Република, имаме исти позиции во однос на европските вредности и нивното презентирање и посочи дека во нејзиниот мандат, како задолжена за политиките за доброто владеење е посветена на успешно спроведување на реформите, преку конкретни решенија, со единствена цел, унапредување на системот и враќање на довербата на граѓаните кон институциите на Унијата.
Таа го информираше амбасадорот Бомгартнер дека е особено задоволна заради тоа што според последниот мониторинг извештај од СИГМА, направен за нашата земја за 2021 година, за реформите на јавната администрација е забележан прогрес во повеќе аспекти и дека останува да се работи на унапредување на легислативниот дел кој се однесува на оваа област.
Соговорниците се согласија дека за што поскоро остварување на евроинтеграциите на Северна Македонија од особена важност е демократизацијата преку остварување на стабилност на институциите и професионална администрација.