Вицепремиерот Битиќи на Националниот ден на Северна Македонија на Експо Дубаи - Овој светски настан е уникатна можност да учиме едни од други и да ги искористиме поединечните предности за да растеме заедно

Во продолжение интегралното обраќање на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на церемонијата со која се одбележа Националниот ден на Северна Македонија на Експо Дубаи 2020, најголемиот настан од овој тип во светот, на кој покрај нашата земја, на посебно уредени павилјони изложуваат уште 191 друга земја од целиот свет:


Ваша екселенцијо Шеик Нахајан Мабарак Ал Нахајан, министер за толеранција и соживот на Обединетите Арапски Емирати и генерален комесар на Дубаи Експо,

Почитувани членови на официјалната делегација на Обединетите Арапски Емирати,

Почитувани членови на официјалната делегација на Република Северна Македонија,

Почитувани членови на организациониот тим на ЕКСПО,

Почитувани учесници, претставници на медиумите и гости,

Драги пријатели,

Денес, додека го славиме Националниот ден на Република Северна Македонија, чест ми е, но и привилегија што сум овде со вас и меѓу вас. Дозволете ми најпрво да ја изразам мојата благодарност, во име на Владата на Република Северна Македонија и во име на нашите граѓани кои во моментов не’ следат на нашиот Национален канал дома, за одличната можност, но и за вашата сесрдна поддршка за претставувањето на нашата земја.

Не е никаква новост ако кажам дека изминативе две години беа навистина голем предизвик за сите нас, со тоа сакам да ја потенцирам благодарноста и почитта кон вас и кон целиот организаторски тим на ЕКСПО и кон Обединетите Арапски Емирати што се издигнавте над ситуацијата и сепак успеавте да организирате ваков величествен настан. Ви честитам на трпението и издржливоста; ви благодарам што не се откажавте од идејата да го изградите ова исклучително важно место и да ја создадете оваа револуционерна приказна. Ова Ескспо пред се’, симболизира почит и ја прифаќа различноста преку промовирање и живеење во движење – кохезија, интеграција, соработка, инклузија и визија. Го имаме цел свет собран на едно место – ова е уникатна можност да учиме едни за други и едни од други и да ги искористиме нашите единствени предности за да растеме заедно.

Заедно во солидарност и сочувство, тоа е она што не’ водеше низ пандемијата со Ковид. Бевме заедно и се’ уште стоиме силно исправени борејќи се низ неволјите. Ова е единствениот начин на кој може повторно да си ги вратиме животите. Заедно, со емпатија, ќе продолжиме да градиме отпорност во периодот по Ковид 19.

Владата на Република Северна Македонија ги фокусира своите намери на интеграција и градење партнерства. Од март 2020 година Република Северна Македонија е официјална земја-членка на НАТО и тоа ни донесе значителна сигурност и стабилност.

Додека се движиме кон интеграцијата во Европската унија, постигнуваме значаен напредок во спроведувањето на европските стандарди во нашата земја и ги исполнуваме нашите одредници во врска со дигитализацијата, подобрувањето на регионалната соработка и партнерството, еднакви инвестициски можности, големи инфраструктурни инвестиции и подобрувања, а сето тоа додека сме посветени на исполнувањето на нашите цели од одржливиот развој со голема свест за заштитата на животната средина.

Драги пријатели,

Денес славиме. Го славиме националниот ден на мојата нација тука, на Дубаи Експо, но моето срце се радува и поради нашето пријателство и се надевам дека со Обединетите Арапски Емирати ќе имаме плодна соработка во иднина.

Ги цениме нашите пријатели и партнери и имаме многу да понудиме. Стоејќи на прагот на Европската унија, нудиме уникатна можност за пазарни пласмани, како и за силни синџири на набавка кои може да се распространат низ регионот на Западен Балкан.

Постои прозорец на можности кој се отвора за нашиот регион токму во овој период на закрепнување од КОВИД-19 – тој го искористува целосниот потенцијал на работењето по моделот на „near shore“, што се покажа како неопходно во текот на пандемијата. Кога далечните, меѓународни добавувачи не успеаја да испорачаат, она што стана повидливо од кога било досега, беше можноста што лежи во регионалните синџири на вредност што креираат економска стабилност и раст. Имајќи предвид колку нашиот пазар е блиску до големиот европски пазар, нашиот потенцијал и прилика за закрепнување и растење по КОВИД-19 лежи токму тука.

Драги пријатели,

Денес сум горд и благодарен за оваа прилика. Ајде да изградиме нови пријателства за кои сум сигурен дека ќе траат доживотно.

Ви благодарам за овој ден!