Презентиран „Прирачник за полициски интегритет“
Од корупцијата не е имун ниту еден систем и општество. Негативното влијание врз финансискиот систем на државата, како и продуцирањето на зависни и немоќни иниституции, а со тоа и губење на вербата во правната држава кај граѓаните, се дел од параметрите кои укажуваат на постоење корупција во една држава, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната презентација на „Прирачникот за полициски интегритет“ на Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили (ДКАФ) во Скопје.
Задолжителна обврска на кое било општество, подвлече таа, е да ги мобилизира сите институционални капацитети во спречување на корупцијата и коруптивното поведение, а тоа најдобро се реализира преку неселективно и континуирано спроведвуање на владеење на правото во секоја средина.
- Владата на Република Македонија ја постави бробата против корупцијата на врвот на своите приоритети и постојано ја демонстрира својата јасно изразена политичка волја за тоа, рече меѓу другото Јанкулоска.
Нема успешност во борбата против корупцијата, оцени таа, ако на неа со иста мера не се спротивставиме во сопствените редови. За последните три години, потсети Јанкулоска, против 112 вработени во МВР поднесени се 84 кривични пријави, најчесто за злоупотреба на службената положба и овластување.
Според неа, во полицискиот прирачник се дава добра основа за натамошно унапредување на работата на полицијата бидејќи е создаден по детални анализи на полициски системи од повеќе земји, кои според природата на проблемите се многу слични.
Општеството не може да биде водено само од чувства, потенцира амбасадорот на Норвешка во Македонија, Кјетил Паулсен, туку за да се води едно општество на одговорен начин потребни се закони, правила, стандарди и силна култура на интегритет.
- Стандардите и интегритетот треба да бидат грижа на сите чинители. Полицијата е една од малкуте професионални групи кои имаат овластување да користи сила во име на сите нас и да го одржува редот и правото, рече норвешкиот амбасадор Паулсен, чија земја е донатор на проектот за прирачникот.
Амбасадорот на Швајцарија, Стефано Лазарото истакна дека неговата земја ги поддржува реформите во полето на правдата и внатрешните работи, што придонесува кон стабилизација на ЈИЕ преку реформа на самите институции за спроведување на законот, вклучително и полициските служби. Полицискиот прирачник обезбедува сеопфатни насоки за тоа како полицајците треба да ги извршуваат своите обврски и согласно соодветните стандарди.
Влатко Ѓорчев, претседател на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, во обраќањето нагласи дека оваа Влада и гарнитура во МВР покажа и докажа како во Република Македонија некој треба да се бори против корупцијата.
Во прегледот на припрачникот, Пјер Епли, поранешен шеф на полицијата на Швајцарија, подвлече дека е клучно да се знае дека етиката во политиката е основниот аргумент во демократското општество, кое се одразува преку државните институции.