Во рамки на презентирањето мерки и политики кои беа постигнати во изминатите 100 дена мандат на Владата, премиерот Ковачевски меѓу најважните остварувања ги издвои и оние кои се однесуваат на поддршката на рамномерниот регионален економски развој и реализираните проекти за подобрување на условите за живот во општините, како и проекти, кои ја зголемуваат нивната финансиска независност.
Нагласувајќи дека развиени општини значат силна економија, Ковачевски се задржа на потпишаните договори за финансирање и кофинансирање на осум проекти во осум општини, преку проект „ЕУ за општините” во вредност од 5,5 милиони евра.
„Проектите, секој со просечна вредност од над 600.000 евра се однесуваат на подобрување на условите за заштита на животната средина, на зголемување на мобилноста, подобрување на социјалните услуги, воведување на е-услуги во општините, односно подобрувањето на локалните услуги од што најмногу корист треба да имаат граѓаните. Ја продолжуваме и Програмата за прекугранична соработка. Потпишани се договори за кофинансирање на 11 проекти со Албанија вредни шест милиони евра и 22 проекти со Грција за кои се обезбедени 7,6 милиони евра од ИПА“, подвлече Премиерот.
Тој во своето експозе, пред граѓаните ја истакна и поддршката која оваа Влада во изминатите 100 дена и во целиот мандат ја дава на културата и уметноста, како важни двигатели на општествените промени.
„Обезбедуваме целосна поддршка за реализација на големите фестивали и претставувања во странство, како што е најпрестижната светска манифестација во уметноста - Венецијанското биенале, што деновиве започна со учество и на наши претставници. Со годишната програма за инвестиции во културата за 2022 година, распределени се финансиски средства во износ од 536 милиони денари и тоа за изградба и реконструкција на нови објекти од областа на културата“, подвлече Ковачевски.
Тој, додаде дека со направеното усогласување со минимална плата кое беше направено во изминатиот период се овозможува соодветна валоризација на трудот на културните работници, што тоа ветува врвна продукција и засилена заштита на културно наследство.
„Тука, рече Ковачевски, сакам да напоменам дека е формиран и нов состав на Национална комисија за УНЕСКО како и Национален совет за културно наследство, две области кои се особено важни за оваа Влада.“
Премиерот Ковачевски, на денешната тематска седница за остварувањата на Владата, во изминатите 100 дена мандат, ја истакна како висок приоритет и посветеноста на членовите на Владата во заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
„На мое огромно задоволство, завршени се подготвителните работи и започнато е чистењето на линданот од малата депонија во „ОХИС“. Владата посвети многу енергија и внимание за решавање на овој проблем, кој претставуваше еколошка закана. Одлучно и посветено ги решаваме и елиминираме наследените еколошки проблеми“, посочи Ковачевски.
Тој додаде дека се ставени во функција две нови мерни станици на квалитет на воздухот со што бројот на мониторинг станиците е зголемен на 21, а вкупно се одвоени средства во висина од над 12 милиони денари.
Во тек е и енергетската ефикасност на јавни објекти, а за проектот за поставување на фотоволтаични системи во јавните објекти на територијата на општина Чаир одвоени се девет милиони денари.
„Во насока на подобрување и обезбедување квалитетна животна срдина за граѓаните усвоен и новиот Закон за инспекциски надзор во животната средина“, рече премиерот Ковачевски при презентацијата на остварувањата на мерките и решенијата на Владата во првите 100 дена од мандатот, која беше направена на денешната тематска владина седница.