На тематска седница посветена на одбележување на достигнувањата на Владата и министерствата во првите 100 дена од работењето, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека во услови на здравствена криза квалитетните здравствените политики се висок приоритет. Тој подвлече дека во интерес на граѓаните основна тенденција е да се обезбедуваат сѐ повеќе лекови без доплата и дека е постигнато намалување на цените на одредени лекови преку успешни преговори со фармацевтските компании.
„Станува збор за околу 230 лекови кои наоѓаат примена како на примарно ниво, така и во болнички услови. Старата позитивна листа како и лековите кои во изминатиот период се набавуваа со посебен буџет, ќе станат дел од новата позитивна листа, со цел подобрување на третманот на пациентите со малигни заболувања и системско решавање на пристапот до нова иновативна терапија, која може да спаси многу животи“, посочи премиерот Ковачевски.
Тој информираше дека на Институтот за радиологија, деновиве се инсталирани четири нови апарати за компјутерска томографија и за магнетна резонанца, со што се овозможува побрз пристап на пациентите до потребните дијагностички услуги, а со тоа и побрза детекција и третман на заболувањата. Исто така, преку веб платформата skrining.mk, жените за првпат имаат можност по електронски пат да закажат преглед во рамки на бесплатниот организиран скрининг за рана детекција на рак на грлото на матка.
На оваа тематска седница Премиерот истакна дека продолжува реализацијата на капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура и интензивно се спроведуваат фазите на градба на огромен број делници.
„Во изминативе неколку месеци, завршени се, или се во различни фази на изработка патишта во должина од околу 200 км, со кои граѓаните го скратуваат времето на патување, а возат по сигурни и безбедни делници. Оваа бројка е дополнување на 1000-те км на кои изминатите години активно работевме со цел олеснување и осовременување на транспортот и за граѓаните и на стопанството“, нагласи премиерот Ковачевски.
Инфраструктурните капитални инвестиции, како што истакна, помагаат да се одржи економската стабилност, да се обезбеди повисока продуктивност и вработувања, да се намалат производните и транспортните трошоци за компаниите и да се зголеми квалитетот на живот на граѓаните.
На седницата Премиерот информираше дека не запира ниту изградбата на социјални станови, односно дека е распишан јавен повик за распределба на 70 социјални станови во Гостивар. Завршени се социјалните згради во Неготино и Демир Капија, а започната е изградбата на 36 социјални станови во Пехчево и на 59 социјални станови во Сарај.